Нешто тргна на лошо со интернетот. Дури и Марк Закерберг го знае тоа. Сведочејќи пред конгресот, ЦЕО-то на Фејсбук рецитираше сè што неговата платформа има згрешено, од лажни вести и странско мешање во изборите 2016 до говор на омраза и приватност на податоци. „Ние немавме доволно опширен поглед на нашата одговорност“ за потоа да дополни со зборовите што сите ги очекуваа „Жал ми е“.
Секогаш имало аутсајдери кои ја критикувале технолошката индустрија - дури и ако нивните забелешки беа заглушени од воодушевувањата на корисниците, инвеститорите и новинарите. Но денес, највознемирувачките предупредуваат доаѓаат од срцето на самата Силициумска долина. Човекот кој го надгледуваше создавањето на првиот Ајфон, верува дека уредот што тој помогна да се создаде премногу создава зависност. Човекот што ја создаде светската мрежа се плаши дека неговата креација е „вооружена.“ Дури и Шон Паркер, првиот претседател на Фејсбук, ги осуди социјалните медиуми како опасна форма на психолошка манипулација. „Само Господ знае што ќе се случи со мозоците на нашите деца“ се пожали пред некое време.
За да разбереме каде работите тргнаа на лошо - како сонот на Силициумската долина за изградба на мрежна утопија се претвори во кошмар доминиран од поп-ап реклами и сајбер-насилници и Владимир Путин - зборувавме со дузина архитекти на нашата дигитална сегашност. Ако на технолошката индустрија и ги префрлиме белезите на религија, заедно со квази-месијанска приказна за прогрес, тогаш од Црквата на технологијата периодов излегува нова секта на одметници, кои трескавично ги признаваат своите гревови. А првородниот грев на интернетот, како што овие програмери и инвеститори и ЦЕО-а јасно признаваат, беше неговиот бизнис модел.
За да се одржи интернетот бесплатен - додека во исто време станува побогат, побрзо од што и да е во историјата - на технолошката елита и требаше нешто за да привлече милијарди корисници кон рекламите што ги продаваа. И тоа нешто, излезе, беше гневот. Како што истакнува пионерот во виртуелната реалност, Џерон Ланиер, гневот е емоција која најефикасно доведува до „енгејџмент“ - што исто така, на пазарот на вниманието, е и најпрофитабилна. Создавајќи циклус кој сам себе се храни од шокираност и противобвинувања, социјалните медиуми само дополнително го поларизираа она што изгледаше, во годините на Обама, неверојатно и неповратно поларизирана држава.
Адвертајзинг моделот на интернетот беше поразличен од сè што претходно постоеше. Без разлика што би рекол за рекламите на телевизија или радио, тие те водеа кон вид заедница, дури и таа заедница да беа потрошувачи. Наспроти ова, културата на ерата на социјалните медиуми, не те води никаде. Таа те пресретнува онаму каде што си, со твоите преференции и предрасуди - барем најдобро што може еден алгоритам да ги насети. „Микротаргетирање“ не е ништо повеќе од фенси збор за општествена атомизација - бизнис логика која ветува заедница додека го промовира токму спротивното.
Зошто, низ изминатата година, Силициумската долина зажали за основните елементи на нејзиниот личен успех? Очигледниот одговор е 6 ноември 2016. Без разлика што претставува спротивност на неговите благородни идеали, во добар дел интернетот е причината што Доналд Трамп беше избран. Твитер служеше како негов мегафон, Гугл помогна про-Трамп силите да ги таргетираат корисниците најподложни на исламофобија, дигиталните клубови како Редит и 4чан служеа како места за размножување на алт-десницата, а Фејсбук стана омиленото оружје на руските тролови и собирачите на податоци како Кембриџ аналитика. Наместо создавање на техно-утопија, интернетот одеднаш стана иста закана за неговите креатори колку што претходно беше нивна гордост.
Она што ни остана е сè поразделена популација на гневни корисници, кон чиј колективен гнев се приклучија визионерите на Силициумската долина кои повеќе не ги контролираат платформите што ги изградија. Нерегулираниот, квази-автономен, империјален обем на големите технолошки компании го мултиплицира секој рационален страв кон нив - и исто така го отежнува наоѓањето на ефективен лек. Може ли моделот на претплата да ги преориентира стимулациите од интернетот, да се вреднува корисничкото искуство пред гневот на погон од реклами? Може ли попаметни закони да обезбедат поголема безбедност на податоци? Или треба ли да ги расформираме овие нови монополи целосно во надеж дека создавање повеќе конкуренција ќе им даде повеќе опции на корисниците?
Излезе дека Силициумската долина нема да го спаси светот,. Оние што го изградија интернетот ни дадоа јасно и вознемирувачко сведоштво зошто сè тргна на лошо - како технологијата што тие ја создадоа е искористена за поткопување на самите основи на слободното општество кое воопшто ја направи оваа технологија возможна.
Во текстот на Макс Рид и Дејвид Волис Велс, учествуваат 15 архитекти на интернетот:
- Џерон Ланиер, пионер во виртуелна реалност.
- Антонио Гарсија Мартинез, човекот што помага во создавање на машинеријата за реклами на Фејсбук.
- Елен Пао, ЦЕО на Редит.
- Кан Дурук, програмер, и раководител на проектот на Убер.
- Кејт Лос, 51-от вработен во Фејсбук, каде работела како автор на говорите на Закерберг.
- Тристан Харис, продукт дизајнер.
- Рич Кјанка, автор на сајтот Самтинг Офул (Something Awful).
- Итан Закерман, човекот што го измислува поп-ап банерот.
- Дан Меккомас, поранешен продукт шеф во Редит.
- Сенди Паракилас, продукт менаџер во Убер.
- Гијом Шало, истражувач на вештачка интелигенција, кој помага во создавање на системот на препораки на Јутјуб.
- Роџер Мекнами, инвеститор, човек кој го запознава Закерберг со Шерил Сандберг.
- Ричард Сталман, програмер од МИТ и автор на ГНУ.
Тие во 15 чекори објаснуваат како целата работа на интернетот сврти на лошо.