Процената е дека Газпром и понатаму заработува по 100 милиони евра на ден од извоз на гас во Европа, колку што заработуваше и минатата година пред санкциите.
„Шокантно е да се види дека и покрај намалувањето од 75% на дневната испорака на гас од Газпром за Европа, дневната сметка и понатаму е иста како пред една година, а секако повисока од времето пред ковид,“ објаснува главниот аналитичар за гас на ИЦИС Лондон, Том Марзек-Мансер.
Тој зборува за приходи од кои ти „надоаѓаат солзи на очи“ во износ од 35 милијарди евра од почетокот на војната.
Во споредба со јуни минатата година цените на гасот се четири пати повисоки, а само минатата недела тие пораснаа за 16% откако Газпром го намали снабдувањето преку Северен тек, по основа дека санкциите заглавиле една од клучните турбини за гасоводот која била на сервис во Канада.
Паралелно со профитот на Газпром, во Европа се случува една од најголемите инфлациски кризи во изминативе децении, а Германија и официјално го крена нивото на ризик во својот план за национални енергетски вонредни ситуации.
Во првата половина на јуни, дневниот просек на испорака од Газпром главно во ЕУ и Турција, падна на најниско ниво од 2014.