
Внатрешно истражување на Дојче банк укажува дека капиталните инвестиции во вештачката интелигенција се толку големи што ги спасуваат САД да не влезат во рецесија. Во белешките се предупредува дека сегашниот бум на технологијата „веројатно не е одржлив на подолг рок“.
Анализа на фирмата Bain & Co. покажува дека околу половина од добивките на берзанскиот индекс S&P 500 оваа година се поттикнати од технолошките акции, но и проценува дека се создава дупка од 800 милијарди долари во приходите потребни за финансирање на инфраструктурата за понатамошен развој на компјутерската технологија со ВИ.
Вештачката интелигенција нема да може да генерира доволно приходи за да ја одржи компјутерската моќ што ѝ е потребна за да ја изгради. Потребен е годишен приход од 2.000 милијарди долари за да се финансира компјутерската инфраструктура за да се задоволи очекуваната побарувачка за ВИ до 2030 година. Дури и со заштедите, на светот сè уште му недостасуваат 800 милијарди долари за да го одржи чекорот со побарувачката, се вели во извештајот.
Голдман Сакс објави оптимистички прогнози дека зголемувањето на продуктивноста поради примената на ВИ ќе го зголеми БДП на САД за околу 0,4% во следните неколку години, односно кумулативно за 1,5%.
Откако ќе биде широко усвоена ВИ ќе им овозможи на работниците и фирмите да произведуваат повеќе, што ќе го зголеми растот, порачува Мануел Абекасис од Голдман Сакс.
Но, Џорџ Саравелос од Дојче Банк објаснува дека сегашниот раст не е поттикнат само од ВИ, туку и од изградбата на инфраструктурата за нејзин развој.
Нвидиа, како клучен извор на капитални добра за инвестицискиот циклус во ВИ, моментално го носи товарот на економскиот раст на САД. Лошата вест е дека капиталните инвестиции треба да останат параболични за да продолжи технолошкиот циклус да придонесува за растот на БДП. Ова е многу малку веројатно, вели економистот.
Торстен Слок од Аполо менаџмент посочува и на ризикот од претерана зависност на економскиот раст од една гранка.
Постои екстремен степен на концентрација во S&P 500. Инвеститорите во акции се драматично преекспонирани на вештачката интелигенција, предупредува Слок.