"Меѓутоа најголемиот судир меѓу Епл и Гугл ретко кој го забележува. Компаниите тргнаа со комплетно различен пристап во однос на акционерите и иднината. Едната волна да ги прифати барањата на инвеститорите, додека другата ја држи моќта во рацете на основачите и директорите.
Овој спротивставен пристап е отелотворение на двата алтернативни модели на капитализам, и тој што ќе победи ќе ја оформи идната на економијата," пишува Михир Десаи во текстот за Атлантик.
Во 2012, финансискиот аналитичар Тони Саконаги, објавува извештај во кој предлага, како и други аналитичари, Тим Кук да размисли околу враќање на дел од кеш залихата на Епл од 100 милијарди долари кај акционерите. Кук го одбива ова, исто како што претходно беше одбиена и од Стив Џобс, по основа дека парите треба да се чуваат ако затребаат за "постратешки можности во иднина".
Освен идеолошкото противење, позицијата на првите луѓе на Епл има свое алиби и во тоа што најголемиот дел од купот пари на Епл е сместен во Ирска, на безбедно од американските даноци. Секој обид на централата од САД да пушти рака во купот ќе значи плаќање данок на САД за повлечените пари.
Решението на Саконаги е Епл наместо да ги префрла парите во централата во САД, да ги позајми 100-те милијарди и потоа да им ги исплати на акционерите во форма на дивиденда и откупување акции. Една недела подоцна, Епл попушта и објавува дека почнува со исплаќање на дивиденда.
Три недели по ова, Гугл реагира во однос на сопствената се пофрагилната структура, која е резултат на инсистирањето компанијата да остане во сопственост на основачите додека во исто време се намалува нивниот удел во вкупниот број од акциите. Решението на Гугл од април 2012 е објавување нова структура на акциите, која на акциите на основачите на компанијата им дава 10 пати поголема моќ при гласање во однос на регуларните акции.
Исходот од двете одлуки е дека Епл на своите акционери им има исплатено над 72% од оперативниот прилив на готовина како дивиденди и откуп на акции. Во исто време, Гугл има дистрибуирано само 6% од своите пари.
"Патиштата што ги фаќаат Епл и Гугл даваат алтернативни одговори на едно од главните прашања со кои капитализмот денес се соочува: Што треба да прави компанија излезена на берза со парите што ги заработува? Дури и во време додека корпорациите носат енормни профити, постои недостаток на лукративни можности за инвестирање и раст, што создава вишок готовина. Овој дисбаланс резултираше со натрупување на 2000 милијарди долари на корпоративните сметки.
Како што компаниите продолжуваат да генерираат уште повеќе профит кој им е потребен за финансирање на нивниот сопствен раст, прашањето е: кој ќе одлучи што ќе се прави со тој профит - менаџерите или инвеститорите? Во Гугл, каде основачите и директорите ја имаат врховната власт, заштитени од структурата на владеење, одговорот е првиот. Во Епл, каде главни се инвеститорите заради немање на еден доминантен акционер, одговорот е второто," пишува Десаи.