Украина може да здивне: ЕУ забрани увоз на руски ВЦ шолји

Колку и да се трудеше да биде сериозен, како што му личи на претседател што коментира санкции против неговата земја, Путин не издржа да не ја трола Европската Унија, која во новите санкции за Русија забрани и увоз на ВЦ шољи. Да потсетиме, ако заборавил Брисел, целта на санкциите беше да се притисне руската воена и економска машина за да запре војната во Украина.

Во 19-от пакет санкции за Москва откако почна руската воена инвазија врз Украина, Европската Унија вклучи и забрана за увоз на ВЦ шољи, бидеа, цвеќиња, мов, точачиња за деца, сложувалки и моторизирани пластични играчки.

Фактот дека забранија увоз на нашите шољи ќе ги чини скапо. Мислам дека ќе им требаат ако продолжат со истите политики кон Руската Федерација, изјави Путин.

Европската Унија објави дека главната цел на новите санкции е рускиот сектор за течен природен гас и други енергетски индустрии. Воведени се и ограничувања за руски банки, крипто берзи и субјекти во Индија и Кина, меѓу другите, објави еврокомесарката за надворешни работи Каја Калас. 

Новите мерки вклучуваат и санкции за над 100 брода од руската „флота во сенка“, за кои ЕУ тврди дека се користат за заобиколување на ембаргото за извоз на нафта. Санкциите, исто така, наметнуваат целосни забрани за трансакции врз руските енергетски гиганти „Роснефт“ и „Газпромнефт“.

Путин ги оцени санкциите како „непријателски потег“ под притисок од САД, но оцени дека тие нема да имаат голем ефект врз руската економија.

Ниту една земја што се почитува себеси никогаш не прави ништо под притисок, изјави Путин.

САД еден ден претходно воведоа нови санкции врз двете најголеми руски нафтени компании, „Роснефт“ и „Лукоил“. Министерството за финансии ги замрзна сите средства на двете компании во САД и им забрануваат на американските субјекти да соработуваат со нив.

Ова се огромни санкции... против нивните две големи нафтени компании. Се надеваме дека војната ќе биде решена, изјави Трамп.

24 октомври 2025 - 11:37