За сега Русија избегнува воведување мерки за контрола на рубљата, како стопирање на отплата на странскиот долг или задолжително менување на 100% од странските приходи во рубљи, како што тоа се случи во кризата во 1998-ма.
Наместо тоа Владата работи со бордовите на директори на државните компании, кои имаат фора до март 2015-та да ја намалат резервата на пари во готовина на ниво од 1-ви октомври годинава. Истото им е предложено и на приватните компании, кои во спротивно би се соочиле со гневот на Кремљ. Се претпоставува дека ова ќе значи постепена продажба на околу 50 милијарди долари.
Овие и уште неколку мерки и даваат на руската влада малку простор за дишење, меѓутоа тие далеку се од стабилизирање на рубљата. Во меѓувреме Путин најави дека руската економија ќе се реформатира за да ги истурка од пазарот увозните производи и да ја зголеми домашната економија. Проблемот е што ова не може да се случи доволно брзо.
"Сега јасно е дека руските монетарни власти мора да ја држат рубљата на сегашното ниво за да ја минимизираат опасноста од масовни протести. 'Црниот вторник' покажа дека Русите се опасно блиску до работ: луѓето ги преполнија продавниците за да купат електроника или што било што се продава по 'стари' цени, и на социјалните мрежи го истурија својот гнев кон владата. Како и да е, Русите ќе бидат погодени со двоцифрена инфлација на почетокот од следната година кога увозниците ќе ги адаптираат цените, а локалните производители ќе се прилагодат на растечките цени на странските состојки и опрема," објаснува првиот уредник на руската верзија на Форбс, Леонид Бершидски.
За не дај Боже владата и централната банка на Русија се уште на располагање ја имаат понудата од Кина за размена на валути во вредност од 24 милијарди долари, тука се и меѓународните резерви, а во краен случај и контрола на валутата.