Хауард Вилкинсон е човекот кој ја обзнанува шемата во која преку естонската филијала на најголемата данска банка за 8 години се испрани над 200 милијарди евра од СССР. Добар дел од парите минуваат и преку фирми основани и базирани во Британија.
Во своето сведочење околу перењето пари пред комисија на Европскиот парламент тој порачува дека подеднакво виновни за ова се и државите домаќини на компаниите што перат пари, како Британија.
„Најлоша од сите е Британија. Британија е апсолутен срам,“ изјавува Вилкинсон.
И таа наклонетост на „перачите“ кон Британија не е случајна, туку е неброени пати заслужена.
Целиот процес на перење пари, Гардијан го дели во 5 чекори:
Чекор 1. Заборави сè што мислиш дека знаеш.
Кога се крадат пари, не се краде во кеш, затоа што во големи количини кешот е логистички тежок за менаџирање (200-те милијарди евра од Данске банк во банкноти од 500 евра би тежеле 400 тони, што е четири пати повеќе од син кит), се краде електронски, затоа што тоа ништо не тежи без разлика колку пари се во прашање.
За да бркаш работа електронски ти треба банкарска сметка, а ако имаш банкарска сметка на неа мора да го има и твоето име, што е проблем бидејќи властите ќе знаат кого да бараат.
Овој проблем се решава со шел компании, чии информации се скриени од властите, што му доаѓа како да користиш ракавици за да не оставаш отпечатоци.
Иако „шел компанија“ прво асоцира на тропски остров, заради измени во законите во последните години, Британија стана најдоброто решение за финасиски криминал. Сето ова се базира на „џиновски пропуст“ во британските закони за регистрирање фирма.
Чекор 2: Основај компанија
- Одиш на веб страната на Компанис хаус, одговорните за водење регистар на сите компании во Британија и работи поврзани со нив. Ова е неопходно за кога некој ќе ја пребара твојата компанија да види дека таа постои (и дека е базирана во Британија).
- Трошокот за основање компанија е 12 фунти, и за тоа се потребни помалку од 24 часа. На пример, во Британски девствени острови, трошокот е 1.000 фунти, и ќе треба да ангажираш агент што ќе го потврди твојот идентитет пред да почне процедурата, затоа што такви им се правилата на речиси сите „традиционални“ даночни раеви.
Британија, заради својата глобална снага (споредена со малите карипски острови), ја нема оваа обврска за проверка на основачот на компанијата, односно ја има, ама не како другите (???).
Чекор 3: Измислувај
На сајтот на Компанис хаус, ќе те начекаат некои непријатни прашања за човек со твои потреби, од типот: име на сопственик и адреса. Од 2016 британската влада задолжително бара при основање компанија да се наведе поединецот што ја поседува, односно „лицето со значителна контрола“ ПСЦ (Person with significant control - PSC).
Ова, односно дилемата од претходниот чекор (нема, а има обврска), се надминува со еден крајно неочекуван механизам: никој не ја проверува точноста на информациите што ги внесуваш кога се регистрираш на сајтот. Можеш да напишеш речиси што сакаш, и сајтот го прифаќа тоа.
Препораката од Гардијан е кога ќе внесуваш информации при креирање на компанијата, прави печатни грешки, затоа што регистарот е преполн со нив.
Еден е примерот со белгиски стоматолог, кај кого завршуваат огромен број истраги за перење пари поврзани со поранешен СССР. Потписот на стоматологот го има на стотици, ако не и илјадници компании. Кога истрагата завршува кај него дома, стоматологот тврди дека неговиот потпис е фалсификуван и дека тој нема никаква врска со тоа. Секој од сомнителните документи поднесени во регистарот го имале истиот потпис, а различна верзија на името на стоматологот: Ali Moulaye, Alli Moulaye, Aly Moulaye, Ali Moyllae, Ali Moulae, Ali Moullaye, Aly Moullaye и Ian Virel.
Во рандом проверка на регистарот може да се открие ПСЦ по име г-дин Ххх Сталин, кој е Французин жител на источен Лондон. По иста основа, новинарите на Гардијан го наоѓаат и Кван Ххх, жител на Германија; па Ххх Равен, па Џет Ххх, за на крај да стигнат до г-дин Хххх Ххх. Пред да се откаже, тој открива и сосема легитмно регистирани фирми Ммммммм Mmmmmmm Yyyyyyyyyyyyyyyyyy, и Mmmmmm Xxxxxxxxxxx (со адреса: Mmmmmmm, Mmmmmm, Mmm, MMM).
Во еден од случаите има и ПСЦ која е новороденче на возраст од 2 месеца, која е заведена како „г-ѓа“, што значи дека во овие 2 месеца живот имала време и да се омажи.
Посериозна студија на регистарот, открива дека има 4.000 лица на возраст под 2 години, и едно лице кое се уште не е родено. Од друга страна има и 5 луѓе од кои секој контролира над 6.000 компании.
Се на се регистарот има над 4 милиони компании, па е многу малку веројатно дека некој ќе ја забележи твојата.
Чекор 4: Лажи, ама паметно
На пример, случаи како тој со Mmmmmmm, Mmmmmm, Mmm, MMM и слични на него не ти вршат многу работа, затоа што на сите им се сомнителни и никој не ги сфаќа доволно сериозно.
Затоа на пример Камберленд капитал лтд. е сосема друга приказна која изгледа крајно легитимно. Таа контролира компанија под име Тропикал трејд, која се занимава со продавање инвестициски продукти по телефон. Вработените се јавуваат на броеви по нивен избор и им ветуваат секаква добивка и ќар (заработка до 81%) доколку го купат она што им се препорачува. Во еден таков случај, пензиониран поштар од Висконсин дозволува од неговата картичка да му наплатат 34.500 долари.
ФБИ започнува истрага околу овој случај и неколку слични на него. Истрагата ги носи до Камберленд капитал. Кога ја проверуваат компанијата во британскиот регистар откриваат дека нејзин директор е австралискиот државјанин Манфорд Мартин Мпонда. Мпонда е заведен како директор на 80 фирми регистрирани во Британија, и е дел од десетици тужби.
Пресвртот е што и самиот Мпонда е жртва и нема никаква поврзаност со компаниите. Мпонда своевремено добил „шанса“ за слична инвестиција како таа погоре, се регистрирал на веб-страна и ги оставил своите податоци. Некој го краде неговиот идентитет од веб-страната и го користи да регистрира десетици компании во Британија. Мпонда и неговите компании се избришани од регистарот, но поштарот и илјадници жртви како него никогаш не ги добиваат парите што им се украдени.
Сижето на овој чекор е: не само да лажеш, лажи паметно. Британски компании изгледаат легитимно, па направи и ти да изгледаш легитимно. Укради име од вистински човек, и тоа стави го на документите. Немој да ставаш твоја адреса на документите, изнајми некоја канцеларија за да имаш каде да ти стига пошта.
Финансиските документи што ги поднесуваш изгледаат подобро ако се проверени од сметководител, па пушти автентични сметки и тврди дека минале ревизија кај соодветна ревизорска куќа. Ниту ова не се проверува, може да најдеш сметководител на интернет и да тврдиш дека него си го ангажирал. Сметководителите прилично често добиваат проверки за сметки кои никогаш претходно не ги виделе, и откриваат дека некој ги навел нив дека лично спровеле проверка и ги одобриле.
Чекор 5: Немај гајле
Стравот ти е дека нема шанси да е толку лесно, и дека на крај сигурно ќе завршиш во затвор. За да се смириш ти треба да гледаш што прават британските власти, а не што зборуваат. Повеќе од една деценија се предупредува дека Британија овозможува вакви финансиски измами, и повеќе од една деценија не се прави ништо позначајно за нивно спречување.
Он-лајн регистрацијата станува актуелно по реформи на системот во 2011, кога секој човек со интернет конекција низ светот може да регистрира компанија во Британија, за исто време колку што му треба за он-лајн да нарача пица (и за исти пари). Логиката зад сето ова е дека ќе го поттикне претприемништвото и општо бизнисот.
Предлогот да се воведат проверки на податоците е одбиен по основа дека тоа ќе го чини британското стопанство стотици милиони фунти годишно. Ова останува како аргумент и откако се понудени статистики според кои затајувањето данок ќе го овозможува системот го чини британскиот буџет над 1 милијарда фунти годишно (а по некои бројки тоа изнесува 190 милијарди фунти годишно).
Последната лекција од Гардијан е: немај гајле, колку сакаш прави криминал, само гледај да останеш тивок и да не привлекуваш внимание во јавност.
п.с. Сајтот што го баравте, тука