2017-ма завршува како десетта последователна година во која Филип Морис успева не само да исплаќа дивиденда туку и таа да е поголема од претходната. Последно зголемување се случи во септември 2017 а според прогнозите, за 2018 година акционерите очекуваат позначаен скок на приходите од нивниот удел во компанијата.
Ваквиот епилог се случува наспроти фактот дека со децении опаѓа вкупниот обем на продадени цигари. Филип Морис лани имал пад на волуменот од 4,1% што е повеќе од просечниот пад во тобако индустријата од 2,5%. Па сепак, колачот кој се дели расте.
Компанијата верува дека го има вистинскиот џокер в рака, нивната алтернатива на традиционалните цигари во која инвестираа многу пари а тие им се враќаат и побргу од очекуваното.
Пред 20 години, производителот на цигари Лигет груп ја здрма тутунската империја кога попушти и се согласи вонсудски да порамни тужби во 22 држави со што беше првата која призна дека цигарите предизвикуваат зависност и се штетни по здравјето.
Филип Морис се надева дека таа е следната компанија која ќе ја трансформира индустријата со своите алтернативи на класичното пушење и таканаречени производи со намален ризик.
Првенствено мислат на нивниот систем iQOS (I Quit Ordinary Smoking) во кој инвестираа една милијарда долари а тестирањата, особено во пушачки важната и релевантна Јапонија, им даваат оптимистички прогнози.
Се работи за стандарден, набиен тутун во цигарче од 1-2 сантима, обвиен во метална мрежа па во ризла, а се става во муштикла која го загрева но не го гори тутунот. Со други зборови, се затоплува на ниво кое го ослободува никотинот но не и штетните материи во тутунот. Конкретно, цигарите горат со 600 степени целзиусови, ова затоплува најмногу до 350. Притоа, пушачот не испушта чад од цигари, туку водена пареа, како кај електронските цигари со масло. Само што се работи за вистински тутун, нормален филтер и поавтентичен вкус (имаме пробано само ментол, а ментол ко ментол, шкарт). Цигарата трае 6 минути или 14 потегнувања, што дојде прво.
На тој начин, Филип Морис активно си прави опозиција, па работи на тоа луѓето да престанат да пушат и да почнат да тегнат од нивните затоплени цигари. Меѓу другото (или првенствено) тоа го прават заради давачките за овој производ кои се далеку помали од оние на класичните цигари кај кои акцизата е две третини од конечната цена.
На незавршена 2017, тие веќе направиле над милијарда долари приходи (акцизата настрана) од производите со намален ризик.