Главниот проблем на Епл во Кина

Кинеските смартфони стануваат премногу добри

Кинез со месечна плата од околу 1.000 долари, меѓу Ајфон 6С од 750 долари и сосема пристоен Хуавеи од 300 долари речиси редовно се одлучува за втората опција, и ова е проблем за Епл бидејќи работите само стануваат полоши за нив како што се симнува границата на примања.

Изборот што го имаат Кинезите (а и пошироко) е Ајфон 6С од 16 гигабајти чија почетна цена е 790 долари, и Хуавеи П9 од највисока класа, со 64 гигабајти меморија, скенер за отпечатоци, предна и задна камера, од 550 долари.

"Ова е солиден телефон од висока класа во споредба со останатите модели и има релативно ниска цена споредено со Ајфон. Исто така има одредено чувство на гордост да си Кинез кој поседува кинески телефон," објаснува аналитичарот на Кантар, Лорен Гунвор.

Секој четврти продаден телефон во Кина во тримесечјето што заврши во мај е Хуавеи, со што тој го надминува Епл по пазарен удел во урбана Кина. Проблемот со квалитетни евтини телефони Епл сакаше да го реши со поевтиниот Ајфон СЕ модел, меѓутоа ова заврши со неочекувани резултати - продолжија да губат пазар во Кина, меѓутоа продажбата во развиените економии ги надмина очекувањата.

Работите за Епл се очекува да се подобрат подоцна во текот на годината со појавувањето на новиот Ајфон, чија продажба треба да биде засилена од зголемената популарност на Ап стор и тенденцијата на кинеските корисници да купуваат нов мобилен на две години. Заради ова Хуавеи и Опо порано ги презентираа своите нови водечки модели.

Она што моментално одлично му оди на Епл е растот на популарноста на продавницата за апликации, па од годинава Кина ја помина Јапонија и стана вториот најголем потрошувач во Ап стор. Очекувањата на Епл се дека токму купените апликации во Ап стор, ќе ги натераат Кинезите да продолжат со користење на хардвер на Епл.

Ваквата ситуација е многу поразлична отколку во 2007, и подоцна, кога беше промовиран првиот Ајфон, кога ниту еден друг смартфон на пазарот не беше ни приближно квалитетен како уредот на Епл. Од 2013 до 2015 Епл за два пати ги зголеми своите приходи од кинескиот пазар (на 59 милијарди долари), а на постојните 21 продавница, за една година (до крајот на јуни) отвори уште 19 нови.

Освен цената, една од најголемите забелешки на кинескиот потрошувач е ограничениот пристап што оперативниот систем на Епл го дозволува до Ајфонот.

Крајниот исход, и покрај новоотворените продавници е дека продажбата на Ајфони во Кина (вклучително Тајван и Хонгконг) во вториот квартал е падната за 26%, што во глобално ниво сериозно придонесе кон падот во продажба од 13% што го доживеа Епл.

25 јули 2016 - 17:47