Акциите на Фејсбук веќе се вратија во нормала по берзантскиот удар кој го предизвика одлуката на адвертајзинг гигантот Унилевер да ги повлече своите реклами од платформата.
Иако се работи за досега најмасовниот бојкот на Фејсбук, се проценува дека од него компанијата ќе излезе без битни рани, со задржан бизнис модел и управувачка структура. Таквата самоувереност ја дели и самиот Закерберг кој на состанок рекол „сите овие огласувачи ќе се вратат на платформата многу брзо“.
Главна причина за бојкотот е недоволната посветеност за отстранување на говорот на омразата и особено тоа што нефилтрирани се пуштија неколку спорни изјави на Трамп кои на Твитер беа означени со предупредувачки етикети.
„Гледајќи дека работата станува сериозна, Фејсбук најави дека во иднина и државниците ќе ги подведува под истите правила како оние на Твитер ама па сега, јуришниците велат дека и решенијата на Твитер се недоволни. Се чини некои луѓе нема да бидат задоволни сè додека Трамп трајно не биде забранет од социјалните медиуми“, пишавме во статијата „Цензура од мулти-милијардери, аплаузи од либерали“.
За јули, преку 1.000 компании ги паузираа своите кампањи на Фејсбук во знак на поддршка на критиките за компанијата. Со оглед на брзото берзантско опоравување на акциите, се чини дека бојкотот е добар за правење медиумски наслови но не и за реален финансиски притисок. Некои сметаат дека добар дел од овие компании и онака ќе ги паузирале рекламите поради ковид-кризата но дека начекале добар алиби за ПР поентирање.
„Ако сакаме да сме цинични, ова е фин пример како кратење на медиумските буџети може да се претстави како борба за социјални каузи,“ вели Дипањан Чатерје, истражувач во Форестер.
Во меѓувреме, Фејсбук продолжува да се консолидира и шири и на други пазари, каков што е дилот вреден 5,7 милијарди долари со платформите на Јио кои на Фејсбук на тацна ќе му дадат стотици милиони корисници од Индија.
Она што на многумина им пречи е комплетното американизирање на проблемите со Фејсбук, односно нивно сведување на американски теми каков што е Трамп, БЛМ и слично.
„Еден од најфрустрирачките елементи на критиките на Фејсбук во последните три години е што се фокусирани на Трамп и на САД. Фејсбук „стана проблем“ поради американските избори во 2016, но тоа е истата година во која Родриго Дутерте ги освои Филипините со помош на Фејсбук и две години откако на ист начин успеа Нарендра Моди во Индија. Поголем дел од светот од Фејсбук страда многу повеќе отколку што страдаат САД,“ вели професорот од Универзитетот во Вирџинија, Сива Вадјанатан.