Европски план за соборување на доларот

Одлуката на Трамп да им воведе царини и на непријателите и на сојузниците на САД ја разниша довербата во доларот. Тоа ги поттикна европските амбиции еврото да го замени доларот како глобална резервна валута. Претседателката на Европската централна банка Кристин Лагард го изложи својот план, но Европа се уште нема капацитет за да биде водач на финансискиот свет.

Дин Тарнер, економист во UBS, вели дека уделот на доларот во девизните резерви опаѓа со години. Откако Трамп дојде на власт, вредноста на единствената европска валута порасна за 9% во однос на доларот. Високиот степен на политичка несигурност им користи на валути како еврото, која е најликвидната алтернатива. 

Актуелните промени отвораат одлична можност за Европа да преземе поголема контрола врз сопствената судбина, изјави Лагард, споредувајќи ја актуелната ситуација со онаа од пред еден век, кога британската фунта ја изгуби светската доминација поради растот на американскиот долар.

САД со децении имаат корист од „претераната привилегија“ на доларот. При секоја криза инвеститорите префрлаат кеш во Америка како најбезбедно засолниште, што на администрацијата ѝ овозможува да ги финансира огромните дефицити, бизнисите и домаќинствата.

Лагард го бара истото за еврото, за да ги поттикне европските економии, да го изолира континентот од нестабилни финансиски пазари и да ја заштити Европа од санкции или други наметнати мерки.

Но, Европа мора да се наметне пред инвеститорите како привлечна алтернатива, пред сè со преземање на водечка геополитичка трговска и воена улога и со поцврсто политичко единство како гарант на стабилност.

Доминантниот статус на Америка е изграден врз нејзината подготвеност да дејствува како светски полицаец, а не само да ги брани сопствените граници. САД ја гарантираа одбраната на Јапонија, поради што Јапонците купија државни обврзници и влегоа во доларскиот систем. Дали Европа е подготвена да обезбеди воена поддршка за неевропски земји? вели Билал Хафиз, извршен директор на MacroHive.

Задолжувањето на Германија нуди глобални инвестиции од 1.000 милијарди евра. Но, Еврозоната е расцепкана на членки со различни нивоа на задолжување и ризици. Нема многу заеднички обврзници, поради што Европа не го загрозува поголемиот ликвиден пазар на САД. За да се промени тоа, германските даночни обврзници би требало да го гарантираат долгот на Франција, Италија или на Грција, за што не се подготвени.

Економисти го отвораат и прашањето дали еврото како светска резервна валута би било од полза за Еврозоната. Зголемената вредност на еврото би ѝ наштетило на економија зависна од извоз.

Германците нема да се согласат да станат потрошувачи наместо извозници на автомобили, забележува Михаел Евери, глобален стратег во Рабобанк.

3 јуни 2025 - 10:25