Економист проценува дека на површина состојбата со енергенси на Европа изгледа далеку помалку опасна од тоа што е. Без разлика што Русија го намали гасот што го испорачува, резервите на ЕУ се над 90% полни. Во корист на ЕУ оди и тоа што октомври изгледа како да ќе биде невообичаено топол, што ќе ја намали побарувачката на енергија. Декемвриските цени на европскиот гас се паднати за 33% во однос на септември и 50% во однос на летото.
„Сепак ваквата блажена слика поттикнува помиреност. Долгорочната временска прогноза покажува дека ноември и декември ќе бидат студени. А резервите на гас не се доволни за да го надоместат загубениот доток на руски гас. Ако температурите паднат до нула, нормалната потрошувачка на енергија до март ќе ги остави резервоарите на опасно ниско ниво, а март знае да е студен. Студеното време во Азија или враќањето на кинеската економија ќе направат течниот гас да биде уште подрагоцен. А големиот предизвик што натежнува е подготвувањето за зимата 2023-24. Европа ќе треба одново да ги наполни своите резерви, ама овој пат веројатно без воопшто руски гас. Секоја единица гас што Европа сега ќе ја согори, ќе мора да биде надополнета за следната година,“ пишува Економист.
Според нив сега клучно е да се намали потрошувачката на енергија, меѓутоа европските влади до сега се фокусирани на субвенционирање на цените на струјата и гасот, и заштита на домаќинствата и фирмите по енергетскиот удар. Пример Италија воопшто ја нема намалено потрошувачката во првите шест месеци од 2022. На крајот од септември во Германија потрошувачката на гас е 14,5% над просекот за 2018-2021.
Меѓу плановите што до сега ги објавија некои европски држави има препораки за поладни базени и побавно возење во Франција, или во Германија план за намалување на сметките придружен со субвенции за штедењето енергија.
„Меѓутоа севкупниот пристап е расцепкан, и е малку веројатно дека ќе ја постигне ЕУ целта за намалување на 15% од потрошувачката. Постигнувањето на оваа цел е клучна доколку Русија целосно ја прекине испораката на гас. Сепак 15-те проценти се на доброволна база и се преполни со исклучоци,“ пишува Економист.
Логично, единствена алтернатива на кратење на потрошувачката е зголемување на снабдувањето, ама таму проблем се различните зелени агенди низ Унијата. На едно место, во Германија, сред криза заради зелени агенди за малку ќе беа затворени и последните три нуклеарни централи во земјата, додека во Франција тие се пречка за пробивање на гасоводот од Шпанија до Германија со кој би се покрила дел од потрошувачката.
„Најкратковид е неуспехот на Европа да ги искористи своите резерви на гас. Холандија има гасни полиња во Гронинген кои, без никаква нова инфраструктура, би можеле да снабдуваат половина од гасот што Русија и го испорачуваше на Германија. Сепак таму производството е минимално и полињата е планирано да се затворат до 2024. Холандската влада се плаши од гневот на тамошните локалци кои во минатото страдаа кога вадењето гас предизвика земјотреси.
Само 22.000 куќи кои допрва треба да бидат засилени се проценува дека се во ризик од оштетување ако Гронинген почне да работи со полн капацитет. Цената за компензирање на тие сопственици за нивните загуби, или на сите домаќинства во Гронинген, се само делче од приходите што би можеле да се заработат од гасните полиња. А во тие приходи не се вклучени стратешките и економски бенефити што ќе ги имаат од заменувањето на руски гас.
Европските политичари мора да престанат да се однесуваат како енергетската криза е проблем за една зима кој може да се преживее со давање субвенции. Освен ако двојно не ги зголемат своите напори за балансирање на понудата и побарувачката, тие ризикуваат полоша и поскапа енергетска криза во 2023 и понатаму - криза во која Украина би можела да плати голем дел од цената,“ порачуваат од Економист.