Во корист на рускиот буџет одат три фактори: високите цени на горивото, високите финансиски и златни резерви што не се под санкции и доброорганизираната пропаганда.
Минатата година 125 милијарди долари од приходите во рускиот буџет доаѓаа од нафта и гас. Од овие пари 40% или 50 милијарди долари беа од ЕУ.
Исто така лани цената на барел нафта беше 71 долар, додека денес таа (кога е смирена) се тргува на околу 108 долари за барел. Ова е покачување на цената за повеќе од 50%, што значи дека Русија би можела да го намали извозот на нафта за една третина и воопшто да не изгуби приходи.
Денешната цена е во услови на отворена целосна испорака на нафта за Европа, потенцијалното ембарго веднаш би ја кренало цената, што ќе го покрие секој попуст што Москва би требала да им го даде на купувачите.
Помошта од пропагандата е во тоа што уште минатата година Кремљ успеа да го убеди рускиот народ дека буџетот за здравствена заштита треба да се намали за 20 милијарди долари, а на негова сметка да се засили буџетот за одбрана. Од корист на Путин и државата, но не и на народот, би било и девалвацијата на рубљата, која би го засилила извозот.
Последната алатка што го крепи Путин се околу 160 милијарди долари резерви недопрени од западните санкции. Користењето на овие средства, и дополнителни кои би можела да ги изнајде, би и купиле на Русија доволно време додека не се стабилизира нивниот извоз кон Индија или Кина.
„Енергетско ембарго ќе и наштети на Русија, ама нема да го осакати Путин. Тоа значи дека предупредувањето на Кремљ дека ќе го отсечат Западот не е само празна закана. И, дури и ако Европа го блокира рускиот извоз, малку е веројатно дека трагичната војна ќе заврши преку ноќ,“ пишува Даша Афанасиева во текстот за Ројтерс.