Двајца економисти за својот труд во Журналот за економски перспективи го наоѓаат и цитираат оригиналот од говорот на Ленин, во кој тој зборува за создавање на хиперинфлација, меѓутоа само по кревањето револуција, бидејќи револуцијата сама по себе нема да биде доволна.
"Стотици илјади банкноти со рубљи секој ден ќе бидат пуштани во промет. Ова не се прави со цел да се наполнат куферите на државата со практично безвредна хартија, туку со промислена намера да се уништи вредноста на парите како средство за плаќање. Нема оправдание за постоење на парите во Болшевичката држава, каде неопходностите за живот ќе бидат подмирени само од работа.
Искуството нас не научи дека е невозможно да се искоренат сите зла на капитализмот само преку конфискација и експропријација, бидејќи без разлика колку бескрупулозно се спроведуваат овие мерки, снаодливите шпекуланти и преживеаните од капиталистичките класи секогаш ќе успеваат да ги избегнуваат нив и да продолжат со корумпирање на општеството. Затоа наједноставен начин да се уништи самиот дух на капитализмот е да се преплави државата со банкноти со висока вредност, кои немаат никакви финансиски гаранции.
Банкнотата од 100 рубљи веќе речиси е безвредна во Русија. Наскоро дури и најпростиот селанец ќе сфати дека таа е само парче хартија, и дека не вреди ништо повеќе од хартијата на која е испечатена. Луѓето ќе престанат да ги посакуваат и да ги собираат веднаш штом ќе дознаат дека со нив не можат ништо да купат, и тогаш големата илузија за вредноста и моќта на парите, на која се базира капиталистичката држава, дефинитивно ќе биде уништена.
Ова е вистинската причина зошто нашите печатници ден и ноќ без пауза печатат рубљи."
Од друга страна анализирајќи го говорот Атлантик забележува дека Ленин веројатно само барал оправдание зошто постојано печати (бидејќи му требале пари да ја финансира револуцијата), и дека хиперинфлацијата нема да предизвика ниту една револуција.
Како класичен пример го даваат случајот со предвоена Германија, кога во време на најголема инфлација и скок на цените на секои 4 дена, Хитлер не успева да ја освои власта (во 1923-та). Тој доаѓа на власт дури во 1933-та, во период кога цените почнуваат да паѓаат.
Тие го наведуваат и говорот на претседателот на Федералната бана на Минеаполис, Нарајна Кочерлакота, во кој се објаснува дека народот многу повеќе се вознемирува за време на дефлација: "Падот на цените значи и паѓање на платите, што значи раст на невработеноста и раст на долговите. Ова е магичен круг кој води кон масовен банкрот. А масовниот банкрот има начини како да ги направи луѓето доволно несреќни со капитализмот за да сакаат да пробаат нешто друго."