Амбицијата на Интел е да биде конкурентен на тајванскиот ТСМЦ и корејски Самсунг во производството на чипови. Ова требаше да го постигне со забрзување на производството на чипови во погоните во Кина, меѓутоа Белата куќа „силно ги обесхрабрила“ овие планови, затоа што краткорочно се спротивни на безбедносната политика на Бајден и напорите за зголемување на работи произведени дома. Долгорочно, затоа што САД сака да ја прекине својата технолошка зависност од Кина.
По ново Интел ќе бара алтернатива на кинескиот пазар во изградба на слични погони во САД и Европа, доколку тоа е исплатливо. Ваквата промена ќе значи дека постојниот дефицит на чипови ќе трае барем до 2023.
Фабриката што Интел планираше да ја гради во Ченгду, Кина, требаше да биде готова и да почне со производство кон крајот на 2022.
Послушноста на Интел делумно се должи и на најавата дека Конгресот ќе одобри пакет од 52 милијарди долари за финансирање на домашно производство и истражување, мерка што се продава како начин за спречување на зависноста за чипови од Кина на долг рок. Дел од конгресмените инсистираат дека парите добиени преку оваа помош треба да бидат врзани со одредени гаранции дека нема да се зголемува производството во Кина.
И претходно од Белата куќа најавија дека разгледуваат опција за мониторирање и ограничување на одредени стратешки инвестиции во Кина.
Последната процена е дека само американските производители на автомобили годишно губат по 200 милијарди евра заради недостатокот на чипови. Во другите индустрии, само Епл се проценува дека ќе изгуби 6 милијарди долари во продажба заради дефицитот на чипови.
„Кина е најголемиот потрошувач на чипови за домашна употреба, и служи како центар за составување на најголемиот дел од електронските производи во светот. За да ја олеснат логистиката и да го одоброволат Пекинг, производителите на чипови - вклучително и Интел - таму ги изградија своите фабрики. Меѓутоа тие се соочени со долгорочни рестрикции од американската влада која може да ги спречи да ги извезат најновите чипови во САД,“ се објаснува во текстот за Блумберг.