Работодавците во Америка се соочуваат со проблем кој се заканува да го блокира економскиот раст: слободни работни места, и тоа многу, пишува Вашингтон пост.
Во Мејн, каде што снежните врнежи не се невообичаени и кон крајот на април, одделот за државен транспорт се обидува да најде возачи на возила за расчистување снег. Ски центрите исто така имаат празни работни места.
И Тексас се соочува со недостиг на работна сила. Повисоките цени на нафтата влијаеја врз зголемување на производството, и врз потребата од камионџии кои треба да ја транспортираат. Енергетските компании стравуваат дека недостигот на возачи би можел да ги принуди да го ограничат производството.
Во Флорида, пак, нема доволно градежни работници за да се одговори на зголемената побарувачка за недвижности, како и за санирање на последиците од ураганот Ирма.
Ова се само неколку примери за најголемата потрага по работниците во последниве децении во САД, пишува весникот.
Стапката на невработеност продолжи да се намалува, достигнувајќи го 17-годишен минимум во ноември (4,1 отсто), што придонесе сега полесно да се наоѓа работа, што не беше случај уште од средината на 90-тите години. Во моментов има околу 6 милиони слободни работни места, така што оние кои што бараат работа имаат многу опции.
Се разбира, ваквите вести ќе израдуваат многумина. Но, економистот Вејн Вајнгарден, од Пацифичкиот истражувачки институт, предупредува дека трендот треба да ги загрижи креаторите на политиката.
„Ако имате недостиг работна сила, ќе имате помал раст. Освен доколку тоа не се компензира со технологија или со повисока продуктивност“, вели тој.
Од друга страна кусокот на работна сила го отежнува и настојувањето на републиканците да се отворат нови работни места што е и целта на даночната реформа и намалувањето на даноците, вели економистот Алан Кол.
Фирмите кои ќе заштедат пари од намалувањето на даноците, едноставно, не можат да најдат повеќе работници за да ги најмат по цена што тие сакаат да ја платат.
Бизнисмените подолго време се жалат на „јазот во вештините“, односно проблемите да најдат високо обучени работници за специфични работни места. Тоа особено се однесува за работните места во производството за кои е потребно познавање на работа со компјутери. Како што земјата се движи кон целосна вработеност, секој бизнис може да биде погоден. Дури и работни места со основни барања, како што е возачка дозвола, се пополнуваат потешко.
Така, Американското здружение на камионџиите неодамна објави дека во наредните шест години ќе бидат потребни речиси 1 милион нови возачи, за да ги заменат оние кои заминуваат во пензија.
Од друга страна, намален е уделот на Американците кои се вработени или активно бараат работа на 62,7 отсто, во споредба со 66 отсто во декември 2007 година, односно пред почетокот на економската криза. За причината се уште се дебатира, но економистите генерално се согласуваат дека проблемот е вознемирувачки.
Една од можните причини е тн. епидемија на опијати, односно препишувањето на лекови против болка која исфрли многу луѓе од пазарот на работната сила. Зголемувањето на рецептите за лекови против болка во периодот од 1999 до 2015 година се поврзува со 20 отсто помало учество кај машката работна сила и 25 отсто кај жените, проценува истражувачот на Принстон, Алан Кругер.