29-те минути што ја потресоа глобалната економија

Во четвртокот, 7-ми јануари, во 9:30 по локално кинеско време берзите почнуваат со работа. Во 9:42 следува остар пад на берзите во Шангај и Шензен, што го активира новововедениот безбедносен систем (против финансиски крах) кој го прекинува тргувањето на 15 минути. Пред активирањето на системот, за овие 12 минути работа, индексот на двете берзи е паднат за 7%.

Кога тргувањето продолжува во 9:57 инвеститорите повторно паничат, а на ЦСИ 300 индексот му требаат уште 2 минути пред по втор пат дента автоматски да го вклучи безбедносниот систем. Со ова, по само 29 минути работа завршува комплетното тргување на кинеската берза за дента.

Паралелно, кинеската валута има рекорден слободен пад губејќи 1% од вредноста во однос на доларот во рок од само 10 минути.

Кога Европејците и Американците го започнаа работниот ден и ја начекаа Кина во уште поголеми проблеми отколку што ја оставија претходната вечер, "нивната реакција беше потсмевање со примеси на страв и задоволство."

"Имаше доволно виновници за паниката вклучувајќи го регулаторното тело, централната банка и самите инвеститори.

Кинеската регулаторна комисија за хартии од вредност, која го предводеше спасувањето на берзите по нивниот пад летово од речиси 45%, го воведе контроверзниот систем за заштита во понеделникот и потоа го суспендираше во четвртокот. Тие исто така постојано ја менуваа својата одлука за 6-месечна забрана за продажба на акции од големи акционери, која требаше да заврши во петокот, ама беше продолжена со цел да се ублажи паниката на пазарот...

... Други ја обвинија централната банка заради неуспехот да воочи дека нивната политика околу кинеската валута може да ги исплаши домашните и странските инвеститори. Од друга страна Кинеската народна банка ги обвини шпекулантите...

... За некои виновна е партијата која обидувајќи се да го спаси опаѓачкиот но и понатаму преценет пазар на акции, се качи на тигар од кој сега не може да се симне.

Експертот за кинески пазари на капитал, Фрејзер Хауи, објаснува: 'Во основа имаш пазар кој е претерано преценет. Луѓе продаваат валути од 3 долари по цена од 5 долари. Не треба никој да биде изненаден што повторно имаме корекција,'" објавува Фајненшл Тајмс.

8 јануари 2016 - 17:44