Група жители од југот на Италија веќе неколку години ден за ден се борат против завршувањето на нафтоводот, поточно против делот кој треба да минува под нивните плантажи со маслинки. Иако до сега борбата беше „партизанска“, од пред некое време жителите добија поддршка и од политичарите, па министри од новата италијанска влада се заканија дека ќе го стават проектот под дополнителна ревизија.
Доколку ова се случи постои опасност последниот дел од проектот да не биде готов до крајниот рок во 2020, или воопшто никогаш да не се заврши. Ваквиот развој потоа би довел до загуби за инвеститорите во износ од милијарди евра.
Од 878 километри гасовод, спорни се само последните 8 километри кои минуваат под насадите со маслинки. Нафтоводот трга од Азербејџан, па преку Грузија, Турција, Грција и Албанија, стигнува до Италија. Дел од гасоводот веќе е пуштен во употреба и во почетните сегменти врши испорака.
Според планот на ТАП (Trans-Adriatic Pipeline), кој не е самоволен туку е одобрен од претходните италијански власти, потребно е да се откорнат 1.600 маслинови дрвја, за да се постават цевките и потребната инфраструктура.
Еден од најголемите противници на проектот е Барбара Леци, новата италијанска министерка за јужните региони, која пред да дојде на позицијата учествуваше во протестите против ТАП, а изградбата ја осуди како наштетување на локалната територија без преседан. Таа е и најголемиот поборник за ревидирање на проектот, негово стопирање и барање алтернативна рута за истиот.
Од ТАП објаснуваат прво, дека е невозможно да се смени траекторијата, бидејќи тоа ќе го одложи целиот проект за неколку години, и второ, дека педантно ќе откорнат дел од маслиновите дрвја и ќе ги пресадат на други локации, за да направат пат за булдожерите и крановите.
Моментално состојбата на теренот меѓу локалците и работниците е дојдена до „понекогаш луѓето одбиваат да ни продадат сендвич во продавница.“