Коѕијас отвори многу, затвори малку

Уредникот на англиското издание на Катимерини оценува дека довчерашниот шеф на грчката дипломатија имал намера да затвори што е можно повеќе отворени прашања кои долго траат и не ѝ одат во прилог на Грција за да може земјата конечно да види што ќе прави со клучниот проблем - Турција.

Уникатен персоналитет, воинствен стил и постојано барање решенија. Според видувањето на Том Елис, тоа биле главните особености на Никос Коѕијас, министерот за надворешни работи кој даде оставка по кавгата со министерот за одбрана и лидер на малцинскиот партиски партнер во владата на Ципра, Панос Каменос.

„Тоа не значи дека неговиот пристап секогаш беше коректен“ вели уредникот на грчкиот медиум потсетувајќи дека темпераментот на Коѕијас му одмогнал да гради консензус со опозицијата дури и кога имал работа со разбрани луѓе од Нова Демократија и Движењето за промени. Истовремено, борбеноста на Коѕијас умеела да ги напне и односите во самиот кабинет, што кулминираше со клинчот со Каменос и дадената оставка.   

Оставката доаѓа во многу чувствително време за регионот. Уставните измени во Македонија се неизвесни и можно е да се оди на избори, договорот со Албанија е далеку од комплетиран и постојат многу отворени прашања, Анкара ја оспорува ексклузивната економска зона на Кипар и најавува дека планира и таа да црпи ресурси во источниот Медитеран, разграничувањето со Египет сè уште се дискутира а односите со Русија остануваат магловити.

„Неговата одлука да де-класифицира и објави доверливи документи од министерството за надворешни работи за да ги изложи на виделина позициите на бучната опозиција во текот на преговорите беше грешка. Некои чувствителни аспекти на надворешната и безбедносната политика треба да останат над партиските препукувања“, пишува Елис. 

На грчко-американскиот фронт, Коѕијас планираше стратешки дијалог со неговиот колега Помпео но и тој проект останува на грбот на Ципрас кој го презема министерството, исто како што направи стариот Мицотакис во 1992 година откако го набрка непредвидливиот Антонис Самарас.

Оставката на Котијас ќе има реперкусии и на внатрешната сцена бидејќи не се знае кој ќе биде неговиот следен потег како лидер на движењето Прато кое има двајца пратеници кои моментално коалицираат со Сириза. Тоа е непознаница која што дополнително ја комплицира дилемата дали Сириза воопшто ќе има мнозинство за ратификување на Преспанскиот договор.    

Во грчките медиуми се мозга зошто Ципрас сепак решил да го пушти низ вода архитектот на Преспанскиот договор и практично да застане зад Каменос иако пред некое време го критикуваше порачувајќи дека нема да дозволи дволични однесувања во својата влада, алудирајќи на посетата на Каменос во Вашингтон во текот на која овој главно промовираше партиски ставови.

Од овдешна перспектива, конечната сметка на Коѕијас изгледа сосема поинаку. Да натераш соседна држава да се прекрсти и да си го смени името, своите институции и својот устав, самата да се откаже од повеќе децении создаваниот капитал од скоро 140 земји кои ја признаваат под нејзиното име, да постигнеш договор по кој ти ќе имаш аеродром и сè друго што ќе ти текне а ќе се вика Македонија а тие нема да смеат ни да помислат на тоа... тоа човека може само да го натера да помисли:
"Ех, да имавме ние таков министер..."

 

18 октомври 2018 - 13:35