Прашањето на бугарскиот политички аналитичар, Иван Крастев е - а да не се овие две работи поврзани?
„Наместо подемот на нелиберализмот во централна и источна Европа да се гледа како неминовно враќање на прадедовскиот национализам и авторитаризам, тој може треба да биде разбран како нешто ново: обид да се зачува моќта на се помалите етно-културолошки малцинства соочени со одлив на популацијата и пораст на миграцијата. О.Н. проценуваат дека од 1990-те, нациите на европскиот исток имаат изгубено околу 6 проценти од нивната вкупна популација, или околу 18 милиони луѓе,“ пишува Крастев.
Тој дава пример со Полска, во која во 1939 една третина од населението не се Полјаци (туку се Германци, Евреи, Украинци и други малцинства), за во 21-от век земјата да влезе со 95% од население што е етнички Полјаци. Проблемот е што ваквото мнозинство во 21-от век почнува да се ситни и земјата се враќа кон разноликост.
Сето ова оди контра на „најголемата лекција што централните и источните европски општества ја научија во 20-от век - дека етничката и културната разноликост помалку е предност а повеќе е безбедносна закана.“ Она што го знаат политичарите од овој дел на светот е дека во демократија бројките се важни, а кога тие се менуваат често пати се менува и политичката моќ.
„Централна и источна Европа е сведок на оваа верзија на феноменот. Милиони луѓе се отселија, главно на запад, а заедно со нив и политичкото влијание на либералните политички сили, бидејќи голем број од нивните гласачи се меѓу оние кои избраа да си заминат.
Наспроти конвенционалната мудрост, новиот нелиберализам не беше заснован на политички ветувања за детално затворени граници. (Пример, во 2017, Полска, чија влада остро се противи на бегалските политики на Брисел, има издадено повеќе визи на странски мигрантски работници отколку која било земја членка на ЕУ.)
Туку, нелиберализмот се засноваше на ветувања за суверена контрола врз тоа кој ќе може да учествува во политиката на земјата - тој го резервира правото да прави разлика, во рамки на државите, меѓу граѓани и не-граѓани. Странците можат да дојдат и да работат, но ним никогаш нема да им биде дозволено да имаат каков било глас и удел во политичкиот процес,“ пишува Крастев во текстот за Фајненшл Тајмс.
Опасноста на ваквите напори за задржување на моќта на етничките мнозинства е дека ќе доведе до создавање на општество од два реда, а презирот што тоа ќе го предизвика е најочигледната последица. Сето ова го надополнува и фактот дека обично мигрираат млади луѓе, заради што земјите од истокот остануваат со постара генерација, со постари навики на гласање, која е значително пре-претставена во политичкиот систем. Вака поставените работи само ќе придонесат кон дополнителен егзодус на младите и понатамошно терање на истиот циклус.
„Исклучувањето на имигрантите од политичкиот процес може, во период од неколку децении, да доведе до ситуација во која најголемиот дел од работната популација нема право на гласање, а најголемиот дел од гласачите се пензионирани. За таков систем да може да функционира, или демократијата треба да ја изгуби својата важност или режимот да стане помалку демократски.
Во 1953, по насилното задушување на анти-комунистичките протести во Источен Берлин, Бертолт Брехт ја напиша поемата ’Решението’, во која тој цинично запраша нели можеби би било ’полесно’ за владетелите ’да го распуштат народот и да се избираат сами себе’. За денешните нелиберални политички лидери, Европа се соочува со својот брехтовски момент,“ пишува Крастев.