Укинувањето на законот беше едно од клучните ветувања во изборната кампања на Киријакос Мицотакис и Неа демократија, според кои „стариот закон, кој се смета за свет во земја што до пред некоја деценија имаше воена диктатура, ги претвори кампусите во дувла на криминал и забранети зони за полицијата.“
„Ние не сакаме полиција во универзитетите. Но, сакаме да се ослободиме од качулките што го контролираат животот на студентите.
Во текот на својот престој таму, студентот гледа установи контролирани на различен начин од различни групи, дроги и подруми полни со бомби од бензин и луѓе во качулки,“ порача новиот грчки премиер пред парламентот, зборувајќи за анархистите кои често пати бараат засолниште на кампусите.
Ставот на Мицотакис го дели добар дел од Грците, според кои забраната за влез на полиција во универзитетите ја има надживеано својата корисност и „помогнала да се негува култура на насилство која се почесто ги тера Грците да го завршат своето образование во странство и тоа со голем трошок“.
Додека во парламентот се укинуваше законот, во Атина се одржуваа демонстрации против него. Ципрас, сега како лидер на опозицијата, го осуди укинувањето порачувајќи дека негова цел е поткопување на јавниот карактер на универзитетите од страна на Владата. Ципрас своевремено се прослави по организирање училишни протести.