Грција и релативноста на силувањето

Министерот за правда на Ципрас, Михалис Калогиру, во грчкиот парламент поднесе предлог закон со кој се олабавуваат казните за силување и што сè се смета за силување според грчките закони.

Наместо да се придвижува кон тоа што го вети со потпишување на Истанбулската конвенција, дека ќе се забрани секоја форма на неконсензуален секс, новиот закон „го дефинира силувањето само во смисла на физичка закана што тоа претставува за жртвата“ ставајќи ја на страна согласноста како критериум.

Еден од најспорните е членот 336 од законот кој дава „голем опсег за судско толкување, што овозможува одредени силувања да се третираат како прекршоци, а не како злосторства“. Разликата меѓу двете е што со првото можеш максимум да добиеш 3 години затворска казна.

Опозицијата стандардно е против законот, и порачува дека Ципрас не треба да брза со негово носење, имајќи ги предвид изборите на 7-ми јули. Плус на нив им се придружуваат серија меѓународни организации, Здружението на судии и обвинители, и неколку пратенички од партијата на Ципрас. Сето ова, по грчки, стандардно е надополнето со протести на улиците на Атина.

****
Дополнување: По целиот притисок, и од дома и од надвор, грчкиот министер за правда во последен момент реши да го ревидира предлог законот и да ја вклучи „согласноста“ во членот 336 како клучна во одлучување околу делото.

„Изменетиот закон конечно ја признава простата вистина дека секс без согласност правно треба да се израмни со силување и јасно кажува дека физичкото насилство не е клучно за делото да се смета за силување,“ порачуваат од Амнести интернешнл, поздравувајќи го законот.

6 јуни 2019 - 11:40