Познаваме луѓе кои на глетката на книга фрлена на улица, а не дај боже во контејнер, реагираат поостро отколку на фрлен леб. Но нека не се вознемируваат, овие книги не се за фрлање, туку за земање.
Scrabble е онаа друштвена игра во која од поединечни букви треба да составите цели зборови. Колку повешт составувач и колку покомплексен збор - толку повеќе поени.
Кој треба да го има последниот збор кога е во прашање статија посветена на некоја книга? Очигледно оној на човекот кој ја напишал не е доволен. Според Википедија, потребен е и втор извор.
Следејќи ги сопствените заложби за збогатување на јазикот преку измислување нови, но и копање по архаичните зборови макар и не биле наши, еве неколку од „Речникот на вулгаризми" од 19-вековна Англија - книга за Британците од високата класа кои немале поим за што зборуваат „сељаците".
Колкав број од мислењата на корисниците на сајтовите за продажба на книги се вистински, а колку од нив се платени? Па да речеме дека пет ѕвездички за трилерче-самиздат би требало да ви бидат сомнителни.
Текстот на Марк О'Конел за читателската промискуитетност поттикна многумина да „излезат од шифоњерот", и со олеснување да признаат дека и тие скокаат од една книга на друга, па дури и дека учествуваат во читачки оргии. Но темата инспирираше и дискусија - колку типови читатели всушност постојат?
Марк О’Конел од Њујоркер од збор до збор го опишува она што во последно време нè мачи: вината од скокањето од една книга на друга, или од еден текст на друг, без оглед колку се тие интересни.
Не ни е јасно зошто научната јавност во Македонија сè уште не излегува со експертско мислење за чудото во св. Димитрија. Објаснувањето е едноставно: фотоните се квантно поле кое во интерференција со електромагнетните бранови произведени од локалната радио-дифузија при силен импулс може да ги направи сликите (а и звуците) појасни отколку што тие вообичаено се.
Во нова реклама на AT&T за нејзината 4G мрежа американскиот маратонец Рајан Хол додека трча слуша стриминг на цела Хомерова „Одисеја". Некого не го мрзело да пресмета колку тоа километри требало да претрча ако е ова верно.
Бившите републики кои пред нас поминаа низ процесот на лустрација и политичка рехабилитација на дисидентите имаат искуство со тн. „затворска литература". Жртвите на системот пишувале како знаеле и умееле, но нивните дела ретко го надминувале директниот повод заради кој биле напишани.
Обемната архива од 5,2 милиони книги на Google Books во последно време стана прилично користена база на податоци за истражувања од различни домени на општествените науки. Една неодамнешна статија ја анализира фреквенцијата на зборови поврзани со „моралната извонредност и доблеста". Резултатите: не е на арно.
Што да ви кажеме за книгава? Дали е уметност, научна фантастика, мистерија, некаква чудна енциклопедија или само најголемата зафрканција во издаваштвото? Што и да е, изгледа прекрасно.
„Книжевниот" скандал кој ја потресе американската јавност деновиве нема толку врска со читањето колку со користењето книги за други цели. Не, овој пат не се работи за палење, туку за постапка која најдобро се опишува со „черечење".
Реакциите по повод изјавата на Коелјо за „празното дрндање" на Џојс се уште не стивнуваат. Откако критичарот на Гардијан возврати со тоа што го нарече делото на Коелјо „помија", Дежуловиќ се придружува со нова дијагноза. Не е до човекот, вели тој, полошо е.
Употребувате србизми, турцизми и други заемки? Еве еден хрватски предлог-закон од 1995. за ваквите случаи на „несоодветна употреба на хрватскиот јазик". На чист македонски би искоментирале: у реду е.
Соработникот за теми од областа на технологијата во Њујорк Тајмс, Дејвид Пог, засрамен од неговото соучесништво во пиратерија - симнување на една (и со бројки: 1) книга, морал да си олесни, и истото да го објави на својот блог. Еве ги причините кои довеле до овој грозоморен чин. Абе Раскољников толку не се покајал.
Не ни е баш јасно како се брои, но ако е точно дека Фелпс во неговата кариера срушил 39 светски рекорди, а Џони Вајсмилер 67, тогаш можеби треба да се преиспита кој е најуспешниот пливач на сите времиња. Она што е сигурно јасно, е кој е најславниот актер помеѓу пливачите.
По нашиот повик да ги фотографирате и искоментирате книгите кои ви прават друштво летово, еве ги првите четворица кои ни ги испратија нивните фаворити. Поканата уште важи!
Уметничката Нина Катчадуриан специјализира во „редена" поезија. Си зема една книга, па под неа си става друга, и така насловите напишани на нивниот грб ги претвора во стихови.
Matchbook е сајт кој документира костими за капење кои личат, според боја, дизајн или генерален изглед на - корици од книги! После ова со други очи ќе се загледувате во нечии бикини, веднаш ќе ги споредите со замислена корица за „Крпен живот“.