Во споменатата година угледниот хрватски граѓанин и бивш уставен судија, Вице Вукојевиќ, предложил Закон за основање Државен уред за хрватски јазик, кој би се грижел за чистотата на јазикот во јавна употреба, а особено во печатот и „у круговалним и далековидничким постојама" - што и да значи oва. Негова замисла (Орвел да позавиди) била одговорното лице кој употребува нехрватски јазик да се казни со - затвор до три години!
Составувањето на законот му паднало на Ивица Крамариќ, виш правен советник во министерството за правосудство, а неговото образложение на санкциите за денес згаснатиот дневник Вјесник од страна на Ферал Трибјун бил награден со завидна позиција во постојаната рубрика Greatest Shits.
Еве како го тоа замислиле „хигиеничарите" на јазикот:
Член 1
Кој со намера во книга, студија, списание, весници или пишуван текст со величина на еден авторски табак употреби повеќе од пет српски зборови или исто толку англицизми или други туѓи зборови непреведени на хрватски јазик, освен во случај на непостоење на соодветен збор или назив, ќе се казни со парична казна или со затвор од три месеци до три години.
Член 2
Кој изврши дело од став 1., и во јавен текст или говор преку радио или телевизија или на јавен собир употреби помеѓу еден и пет зборови на српски или на друг јазик, ќе се казни со парична казна од 1000 до 5000 куни (134-669 евра)
Најфасцинанта е методологијата на пресметка на јазичниот „злостор". Четири странски зборови во пишуван текст се во ред, ама два во јавен говор не се. А делото треба да е извршено со намера - иди па докажи дека навистина не си знаел дека „карши" е турски.