Букбокс друштвени игри: „Да одиме во Јапонија!“ (Lets Go! To Japan)

Игра во која планирате еднонеделен престој во Токио и Кјото, на реални места како храмови, паркови и ресторани. Колку подобар план, со рационално трошење и умерен напор, толку повеќе бодови. Сега - пред пролетното цветање на црешите - е идеален момент да почнете да се подготвувате за замисленото, а кој знае можеби и реалното патување. 

„Посета на Музеј на манга во Кјото - можете да пребарувате над 50... наслови во збирката и да пронајдете ретко издание“. „Јадете палачинки во Хараџуку, познатата токиска населба“. „Посетете кафе и дружете се со мачки вдомени од улица“. 

Ова се само некои од нештата што можете да ги правите во играта „Да одиме во Јапонија!“ (во моментов ја има во Гоблин), чија цел е преку избор и комбинирање на карти да се осмисли што поуспешна маршрута низ Јапонија во тек на 6 дена (неделата ја нема, веројатно затоа што со седум дена таблата би била преголема). Таа се одвива во 13 рунди, а сите играчи (максимум 4) играат истовремено, земајќи и разменувајќи карти. На секоја карта има симболи што ќе се активираат подоцна, кога ќе се пресметуваат поените за замисленото патување. Ова значи дека, освен ако не сте баш математички н'рд, во текот на играта нема да знаете прецизно колку поени имате, но секако ќе имате чувство дали ви оди добро или лошо.

Визуелно играта е многу убава - уште пред да се отвори кутијата се забележува не само колку внимание е посветено на овој аспект, туку и на претставувањето на јапонската култура воопшто. Авторите и издавачот (АЕГ - од нив е и „Калико“, играта со мачиња за која претходно пишувавме тука), очигледно направиле сериозно истражување за да создадат атмосфера што ќе ја долови културата и духот на земјата. Во внатрешноста на кутијата се наоѓаат многубројни компоненти: жетони, маркери, водичи и билети за воз, сите изработени од дебел картон со добар квалитет.

Сепак, највпчатливи се картите, кои се во формат сличен на тарот-карти и се богато илустрирани. На секоја од нив има едноставни симболи, визуелен приказ на одредена локација и кратка информација за местото што го претставува. Од задната страна картите се обележани со боја и име на град, што го олеснува повторното подредување на шпиловите по завршување на партијата.

Таблите на играчите се преклопуваат на три дела и се изработени така што лесно се склопуваат и расклопувааат. На нив има јасни симболи и едноставна организација, што ја прави играта релативно лесна за објаснување на нови играчи. Тие ги поставуваат картите во колони што ги претставуваат деновите од неделата. Во секој ден можат да се наредат повеќе активности, а изборот на нивниот редослед има влијание врз конечниот резултат. Дополнителни бонуси се добиваат ако картите одговараат на симболите што се поврзани со конкретниот ден. Понекогаш играчот може да одлучи и да појде на обична прошетка пеш, наместо да оди на одредена локација, што носи различни тактички предности. Играчите исто така добиваат или губат поени во зависност од нивото на стрес и задоволство што го создаваат избраните активности, како и од искуствата што ги стекнале во текот на патувањето.

Најинтересен ни беше принципот на добивање или губење енергија - посета на спомнатите мачки ви дава една доза енергија, но посета на курс за свирење традиционални тапани одзема дури три. Енергија односно мотивација одзема и немањето пари, но затоа пак таа може да се надомести со една обична, бесплатна прошетка пеш, можеби низ некој од бројните паркови.

Интересно е што идејата за играта настанала откако авторот Џош Вуд морал да го откаже своето вистинско патување во Јапонија поради пандемијата на ковид. Наместо тоа, тој го искористил истражувањето што веќе го направил и го претворил во игра што го симулира планирањето.

Играта нуди и соло-режим, во кој играчот се натпреварува со виртуелен „туристички агент“. Во овој режим неискористените карти автоматски се додаваат во патувањето на противникот, а на крајот се споредуваат резултатите. Овој систем создава чувство на вистински предизвик и го задржува логичкиот карактер на играта.

Со своите 160 различни карти и случајно поставување на бонусите, „Да одиме во Јапонија!“ има голема можност за повторно играње. Секоја партија изгледа поинаку, бидејќи комбинациите на активности и стратегии се многубројни. Иако играта не е особено сложена во стратегиска смисла, таа нуди релаксирачко и пријатно искуство. Планирањето на патувањето и постепеното откривање на различни локации создава чувство на мирна, речиси медитативна игра. Времетраењето е релативно кратко – често околу половина час – што ја прави погодна за брзи и опуштени партии. Ние ја сфативме како вовед во вистинското патување.

Илина, Букбокс

16 март 2026 - 16:13