„Левитан" е еден од таквите исклучоци - тој и денес останува ремек-делo на јужнословенската книжевност. Текст на Миљенко Јерговиќ за сатирот на пони точак, во годината кога се навршуваат 25 од неговата смрт.
Во превод на хрватски „Левитан" излезе 1983, една година по словенечката премиера. Издавач беше Глобус, тогаш ООУР („основна организација удруженог рада") на љубљанско Дело. Преведувачка Рада Викиќ, уредничка Ливиа Крофлин, рецензенти Иван Цезар и Предраг Матвејевиќ, тираж 10,000 примероци...Романот кој и не беше роман, мемоарите со благо фикционализиран протагонист, раскажуваа од почеток до крај, на најдиректен начин до тогаш, за југословенските казнени институции и за третманот на политичките затвореници во Титовата комунистичка држава, во тоа најчувствително и најбрутално, воено послевоено време.
„Левитан" исто така беше една од култните книги на панкерската и новобранова младина, на која ѝ импонираше лудо храбрата борба против системот, антикомунизмот на авторот. Треба да се објасни дека во тоа време содржината на тој поим беше нешто поинаква отколку денес, и го опфаќаше сето она што би ја скандализирало Партијата, било да е тоа изговарање на забранети вистини, или ширење на просторот на слободата и поместувањето на хоризонтите кон Запад, но и кон Исток. Антикомунистички беа Азра и Панкрти, Младина, Трибуна и Катедра, Студент, Књижевна реч, Данило Киш и Карло Штајнер...Идните националисти сè уште слатко р'чеа по централните комитети. Фрањо Туѓман, како што читаме во неговите дневници од тоа време, балансирал меѓу воодушевувањето со усташијата која ги колела Србите и воодушевувањето од Густав Хусак и праксата на марксизмот-ленинизмот, како што во другите делови на Југославија идните националисти и татковци на нацијата сè уште задоволно р'чеа по неделниот ручек, и не само што не помислуваа на антикомунизмот, туку и се грозеа од таа невоспитана, пијана и дрогирана младина, дури и кога наслушнуваа нешто за нејзините активности. А Зупан сигурно не го читаа.
Шест години во затвор
Витомил Зупан шест години минал во затвор. Претходно бил илегалец на Освободилна фронта, бил интерниран во фашистичките логори, бил партизан. А пак уште пред тоа, во предвоени времиња, бил морнар на британски бродови, физички работник, професионален боксер и учител по скијање по босанските планини. Проблематичен и насилен тип, сексуален садист, склон кон скандали од различен вид, кој поголемиот дел од животот ќе го мине експериментирајќи врз сопствената судбина и проверувајќи колку жив човек може да се инаети со моќниците, и што сè во тоа инаетење може да истрпи. Студирал, а по војната и дипломирал градежништво, но никогаш ништо не изградил. Бил сестрано образован, знаел јазици, учел арапски, се интересирал за филозофија и секакви езотерични учења, впивал различни знаења и вештини, во затворот се обучувал за професионален провалник и бил вистински писател. Пред војната, склон кон експерименти во раскажувањето, бил со децении пред своето време. Во војната и малку потоа, бил промотор на плакатното и пропагандно пишување, на освестениот соц-реализам. Но книгите му биле често објавувани и по 20-30 години откако ги завршувал, па така тие не можеле да извршат влијание врз други писатели или читатели. На пример, романот „Клемент" на словенечки е печатен 1974., речиси 40 години откако е напишан, и делувал живо, свежо и диво, како тогаш да бил напишан.
Откако во 1983. ја прочитав „Левитан" седнав во воз и отпатував за Љубљана. Имав 17 години, и намера да го запознаам писателот. И како за неволја, го здогледав додека со двајца пријатели седев пред (ресторанот) Фиговец. Мина полека возејќи се на пони велосипед, но јас немав храброст...Така можам да кажам дека Витомил Зупан сум го видел во живо, и ништо повеќе.
Подоцна, кон крајот на осумдесетите, па и во деведесетите и сè до денес, ќе излегуваат томови и томови затворска литература и дисидентски сведочења, добри и лоши романи, од кои често со некој свечен тон, како да присуствуваме на миса, ќе дознаваме за мачеништвата на писателите, интелектуалците или на обичните луѓе, работници и чиновници, кои заглавиле по комунистичките затвори и логори. Сентиментални кон сопствените страдања и загубени години од животот, солжењициновските фанатици на сведочењето, понекогаш фалсификатори и фантазери, мудреци со ретроактивна мудрост, пишуваа како знаеа и умееа, но сосема ретко нивното пишување беше важно или вредно вон и покрај сопствениот страшен повод.
Сатир а не маченик
„Левитан" беше нешто друго, неспоредливо. Зупан нема ни малку сентимент кон себе и кон своето страдање. Тој е сатир, а не маченик, и во неговиот роман има повеќе секс отколку што има затворско насилство. Освен тоа, не е ни тој ангел, ниту пак се претставува така. Во затвор завршил затоа што се напил и така пијан на некој од словенечкиот политички врв му дојавил дека Тито, како што наводно известило швајцарското радио, тукушто поднел оставка. Годината била 1948., кратко по Резолуцијата на Информбирото. Утрото пред носот здогледал четири револверски цевки, мамурен.
На обвинението му се придодадени уште многу работи: од наведување на самоубиство на една млада жена, преку обид за убиство, предизвикување неред и насилство. И сè главно било измислено, но ништо сосема без основа и темел во стварноста. Јакоб Левитан, алијас Зупан, се забавува така што на иследникот на долго му ги прераскажува неговите доживувања и уште и додава на сопствената вина, само за да го скандализира.
Зупан раскажува, есеизира, ниже анегдоти, но ја избегнува хронологијата на неговите затворски години. Тоа е досадно, тоа не е потребно. Тој, на пример, раскажува што прочитал во затвор. Забележува и по некој убав цитат: „Пчелите се како луѓе. Долготрајната несреќа и очајот им го матат паметот и им го расипуваат карактерот". Пасажите за бубашвабите и за разликата помеѓу нив и останатите штетници, крлежите или вошките, за блискоста и сличноста на бубашвабите и луѓето - тие им припаѓаат на најубавите, занесни прозно-есеистички страници на јужнословенската книжевност, која и најциничниот, искусен читател ќе сака да ги препише во некој свој тефтер.
Луд е, но лудилото е слатко
Но не е тоа она што најмногу го обзема човека во Зупановиот текст. Тој пишува така што ве занесува по малку да се претворите во онаа девојка која Левитан од чисто задоволство ја злоставува, па таа се убива. Раскажувачот е луд, но неговото лудило е слатко, што пред ова читање, триесетина години подоцна по малку и ме загрижуваше, затоа што не бев сигурен колку она што сосема го има помрачено умот на еден седумнаесетгодишник и животот му го свртило на криви и тешки животни патишта, ќе делува на еден на големо поразен 46-годишник. Следеше восхит: сето она што беше добро во Зупановиот роман пред 30 години, денес е подобро, подлабоко и - што е најнеобично - поинтензивно. Наместо со текот на времето и со претворањето на актуелната тема во веќе не толку блиско минато да се намали на интензитет, да се загуби тензијата на текстот, Левитан е посилен отколку што беше. Можната сила е во читателовата биолошка зрелост, но и не само во тоа. Депатетизирајќи ја својата судбина, Зупан ја пушта приказната да тече без оглед на романескната структура и на фабулата, таа се рачва и се дели, расте како роман-делта, како делта на Мисисипи, во книга чија моќ е вон секој идеолошки и верски партикуларитет. Антикомунизмот на Витомил Зупан, на кој нè учеше нас, децата на среќното доба, во времето на излегувањето на „Левитан", е факт на човековиот карактер, темперамент и звање. Бeше писател по нужда, затоа што тоа мораше да биде, а каков би бил тој писател да му дозволил другарот Едвард Кардељ, на пример, да му го прекрои умот и да му ја одреди верата. Антикомунизмот на кој ги учеше Зупан неговите вчудоневидени и еротизирани читатели, беше атникомунизам на слобода. Токму на онаа слобода од која бискупот Сракиќ најмногу се плаши и која по неговото стадо е поопасна од секоја чума. Па и од чумата на комунизмот.
Витомил Зупан умре од последици на затворска туберклоза, во средината на мај, пред точно 25 години. Освен проза, пишувал песни и драмски текстови. Според Зупановиот „Менует за гитара" и според заедничкото сценарио Живоин Павловиќ го снимил филмот „Довидување во следната војна". Тоа беше филм прикажан во 1980. во Кан, а благодарејќи на Павловиќ следното десетлетие му припадна на Зупан и на неговата целосна политичка рехабилитација. Работата беше олеснета со тоа што во Партијата, прилично погрешно, на Зупановиот случај се гледало како на испад на еден егзибиционист и лудак, но некој кој е безопасен по системот. Слободата, го знае тоа и нашиот бискуп, не е безопасна. Вака Јакоб Левитан говореше за Исус: „Не сум религиозен, но тој човек ми беше - кога созреав и размислив за работите - без оглед дали навистина живеел или не - некако братски близок. Да не сум разуздан човек, хулиган и кавгаџија - би сакал да бидам како него. Средните можности не ме интересираа".
автор: Миљенко Јерговиќ
извор: jergovic.com