Лорин Конрад, актерка и водителка на некаква емисија од типот „направи сам(а)", со зелено лакираните ноктиња и вештите раце си зема инаку неоштетени книги, со хируршка прецизност им го сече грбот, за оп!, да направи фина кутија која може да послужи како...хм...кутија за оштетени книги?
Откако љубителите на книги почнаа да реагираат на ова „злосторство", Конрад ја тргна епизодата од Јутјуб. Авторот пак на книгата која се уништува во клипот, Лемони Сникет (псевдоним на авторот на детски книги Даниел Хендлер) искоментирал: „Секогаш сум мислел дека луѓето кои минуваат премногу време со моите дела на крај си ги губат душите, им се тенчи разумот, водат животи на бескрајна празнина и повремено насилно лудило. Какво олеснување кога ќе го видиш сето тоа документирано".
Добро, малку претерал - баш фино легнува ваква кутија како декорација на оние саеми на мебел. Следно: мавање со чекан по е-ридери, за од парчињата да се направат обетки што светат ноќе.
(аудиото на видеово не е баш нај-нај, ама ова е единственото „спасено“)