Авторот и неговото право

Отворено писмо на Филип Рот до Википедија

Кој треба да го има последниот збор кога е во прашање статија посветена на некоја книга? Очигледно оној на човекот кој ја напишал не е доволен. Според Википедија, потребен е и втор извор.

Еден од најпознатите и најнаградувани американски автори со еврејско потекло, добитник на Пулицер во 1997., пронашол грешка во слободната енциклопедија во врска со неговиот роман „Човечка дамка". Се работи за наводниот извор на инспирација за главниот лик во романот, Колеман Силк, Афро-американски професор кој себеси во текот на целата академска кариера се претставува како белец. Според Википедија ликот е базиран на Анатол Бројард (Anatole Broyard), писател и долгогодишен книжевен критичар во Њујорк Тајмс, кој исто така во текот на животот ги криел сопствените црнечки корени. Но Рот во писмото до Википедија е дециден - Силк е базиран врз „несреќен случај во животот на мојот покоен пријател Мелвин Тумин, професор по социологија на Принстон, кој таму предаваше триесет години". Наводите за врската со критичарот на Тајмс ги отфрла велејќи дека тие доаѓаат „не од светот на вистинитоста туку од дрндањето на книжевните трачари".

Администраторот во слободната енциклопедија му одговорил на Рот со следниве зборови: „Ја сфаќам вашата поента дека авторот е највисокиот авторитет кога се работи за неговото дело, но нам ни се потребни второстепени извори".

Нормално, Рот збеснал. Зарем некој друг треба да каже од чиј лик бил инспириран? Немајќи друго чаре, тој го објави долгото писмо во Њујоркер (целото тука), во кое објаснува дека никогаш не ручал со Бројард, не бил на забава со него, не гледал филм со него, не играле карти ниту пак заедно учествувале на книжевен настан. „Дури ни случајно немав налетано на него на улица, иако еднаш се сретнавме на авенијата Медисон во продавница за машка облека, каде си купував чевли".

После голема дискусија на социјалните мрежи и на самата Википедија (тука) сега статијата за книгата ги содржи забелешките на Рот. Но дилемата околу тоа кој е ултимативниот „родител" на едно дело и на фактите поврзани со него? Прашајте ја Википедија. Ама за да ви одговори на ова прашање можеби ќе ѝ требаат најмалку двајца консултанти. 

8 септември 2012 - 09:09