Ако мислевте да го читате бестселерот за кој на сајтов се пишуваше тука и тука побрзајте, затоа што наскоро може да го снема. Една невладина организација „Жени на кои им е потребна помош" од областа Версајд, источна Англија, која се грижи за жртви на домашно насилство, упати јавен повик за палење на еротската „50 нијанси сиво" на 5. ноември.
„Не можам да опишам со зборови колку зло шири оваа книга", изјавила портпаролката на организацијата, „и колку опасна е идејата за спојување софистицирана но наивна млада жена и многу богат, постар маж, кој ја злоупотребува, ја тепа и ѝ прави други грозни сексуални работи. Додека владиниот буџет за превенција на домашно насилство се намалува, јавните библиотеки трошат илјадници фунти на купување на оваа книга".
20 милиони до сега продадени копии прават прилично голем оган. Но и голема врева, која многумина сметаат дека оваа книга не ја заслужува. Летово во Њујорк на округла маса се собраа автори познати по тоа што во нивните дела обработуваат сексуални сцени, и тие главно беа неимпресионирани од оваа книга. Ерика Јонг, чиј роман „Страв од летање" од 1973 стана сензација заради искрениот пристап кон женската сексуална глад, изјавила: „50 нијанси сиво воопшто не ме возбуди, освен фактот дека главниот лик подарува ретка копја од Теса од Д'Убервилови".