Хол (види видео подолу) почнува да трча од некаков неидентификуван кампус, продолжува крај шини, одминува некаков син мајмун, за во 16-тата секунда да направи пауза затоа што „Одисејата" завршила, и да продолжи со „Моби Дик". Притоа на почетокот тој најавува дека ова ќе биде „кратко трчање".
Па колку кратко е кратко? Аудио книгата со англискиот превод на „Одисејата" во изведба на сер Јан Меккелен која се слуша на рекламата трае 13 часа, 18 минути и 46 секунди (или 798,77 минути). Колку ли е тоа во истрчани километри?
Најпрвин да видиме колкава е стапката на чекорење на Хол. Од петата до десетата секунда, рекордерот на САД во полумаратон прави 3,2 чекора во секунда, односно 192 во минута. Во текот на рекламата не изгледа дека забавува, па да речеме дека така трча во текот на целиот, хипотетички ден.
Второ, да ја видиме должината на неговиот чекор. Кога го поставил рекордот во Хјустон, Хол истрчал 21 километар за 59 минути и 43 секунди, при што направил околу 10,868 чекора. Земајќи ги предвид сите наведени параметри, тој излегува дека во рекламата трча со 0,37 км во минута. Ако трча со таков ритам во текот на сите митолошки минути - веројатно забрзувајќи го чекорот кога Одисеј им ги вади очите на Киклопите, но подзабавувајќи кога ликовите дискутираат за тоа кои ветрови преовладуваат, и тоа по 48. пат - колкава е траекторијата која ја минува во речиси 800 минути?
Иако математиката не е едноставна, излегува дека Хол, кој инаку не е познат по трчањето прекутрупа, сепак морал да прескокне по некоја глава од Одисејата. Кога почнува рекламата, часовникот на неговиот телефон покажува 8:07 наутро. Кога почнува да го слуша „Моби Дик" (аудио-книга која инаку трае 21 час) телефонот покажува 7:12 попладне. Тоа значи дека Хол, доколку воопшто не паузирал, слушал 11:05:00 од „Одисејата". Што се случило со останатите 2 часа, 13 минути и 46 секунди?
Значи ако Хол се движи со 0,37 километри во минута во тек на 665 минути, тоа се 246 километри во текот на неговото трчање - или блиску шест пати од Маратон до Атина. Ако тој навистина ја слушал „Одисејата" во текот на целиот пат, тогаш би требало да има минато 297 километри. Со тоа што си скратил себеси 2 часа, 13 минути 46 секунди грчка поезија, се спасил и од маратонска работа. Патем, рекордниот минат пат на лента за трчање во текот на 24 часа е 246 километри, онолку колку што пресметавме дека Хол би истрчал во текот на само 11 часа.
И што после ова, освен што се помачивме да конвертираме стапки и милји во километри? Ништо особено. Само поука дека за да провалиш ваква реклама треба 1) да го знаеш Хомер, 2) да си добар во математика и 3) да знаеш нешто за маратонското трчање. Добро што за повеќето други реклами вакво експертско знаење воопшто не е потребно.