Веднаш штом температурата се качи над 30, почнуваат да никнуваат рубрики од типот „Книга за на плажа" или „Летни хитови". И тоа е во ред ако некому му е поттик навистина да ги отвори оние кои ги таложел во текот на годината, за да ги чита „кога ќе има време".
Еве кои книги ги прочита или планира да ги прочита до крајот на летово дел од екипата на офф.нет. Сликајте ги и вие вашите купчиња и споделете препорака или коментар за тоа што веќе сте го поминале. Нема да даваме награда за најамбициозното, ама ќе се израдуваме ако ни пишете. Важна забелешка: ако веќе сте преминале на дигитални книги, сликајте го барем ридерот:)
Врзопот на Трендо
„Ете ги моите сојузници кои требаше да ме спасат од терористичката група наменета исклучиво за уништување на поимот одмор, наречена семејство со мали деца. Карвер, Фанте, Ерленд Лу, Хамсун, Мирко Ковач и троа Борхес. Годинава играв на сигурно, земав зицери, претпоставувавајќи дека ќе немам доволно време и енергија за некоја нова летна книжевна љубов. И - ниедна од овие не ме цимна премногу, освен Хамсун, кој секогаш маестрално раскажува, особено кога нема што да каже. Од другиве имам читано и подобри парчиња. На крај останав без материјал па морав да заминам во најблиската задарска книжарница по интервентна набавка. Земав пар интересни наслови од кои срцето најмногу ми растрепери од романот "К" на Том Меккарти. Бидејќи чинеше близу 2.000 денари. А децата баш ми се погодија. Памет за догодина: ќе ја земам истата фамилија а други книги.“
Пакетчето на Илина
Збирка песни од Збигњев Херберт
Кога мојата пријателка Каша, со привремено живеалиште во Њу Делхи, ми најави дека ќе ми прати по пошта нешто за здраво-живо, најмалку што очекував да најдам во него беше книга од полски поет, и тоа во комбинација со постерче од божицата Шива. Иако за мене немерлив со прекрасната Шимборска (ако веќе ги споредуваме, и тоа по национална основа), Херберт е нешто поапстрактен, но доволно ироничен и хуман за да биде добар. Дисидент, несуден добитник на Нобеловата за литература во 1968, тој е најпреведуваниот поствоен полски писател, и генерално интересен лик.
Отворен град од Тежу Кол
Дебитански, прекрасен роман на нигериско-американскиот писател, кој годинава доби престижни награди. Ја прочитав пред некое време, но без должното внимание кое го заслужува, па сакам да се навратам на некои епизоди на прошетките на имигрантот Џулиус низ улиците на Њујорк. Кол често го споредуваат со Себалд, кој случајно е следен на списокот.
Преку земјата и водата од В. Г. Себалд
И ете го, со ептен тазе излезен избор поезија, која за многумина беше изненадување, бидејќи за него се знае главно како за мајстор на прозата. По неговата ненадејна смрт во 2001, како да се разви некаков култ кон овој германски писател кој долги години живеел во Британија. Некој се потрудил па раскопал тоа архивите, и пронашол песни напишани на менија, театарски програмчиња или хотелски тефтери. Додека романите му се епски и малку комплицирани, поезијава е кондензирана и прилично едноставна. Пример оваа, за некоја девојка во Њујорк која си го сака клима-уредот во канцеларијата лете: „Таму, рече таа, јас сум среќна како отворена острига на кревет од мраз".
Чевли полни жешка вотка од Захар Прилепин
Еден од најчитаните руски писатели од помладата генерација, гласен опозиционер на Путин, работел како физикалец, новинар, телохранител и - најинтересното - бил припадник на специјалните единици кои војувале во Чеченија. Засега имам прочитано два-три расказа од збиркава, и секој од нив е како боксерски удар - јак и убедлив. И да, мириса на вотка.
Вистина и фикција: белешки за (исклучителната) верба во уметноста од Милчо Манчевски
Подолг есеј на Милчо објавен неодамна од Пунктум Букс (тука за слободно симнување) произлезен од неговото искуство при правењето на „Мајки", кој ги преиспитува границите помеѓу документарното и фикцијата. Одлично срочен, крајно читлив, како муабет со спокоен соговорник, кој знае што кажува, а и што прави.
Падот на Колумбија од Саша Илиќ
На средина од книгата сум, но веќе ми е јасно дека ова е уште еден одличен роман на Илиќ (првиот што го читав е Берлинско окно, исто така преведен на македонски). Политички трилер за подемот на Милошевиќ и убиството на Џинџиќ, базиран на сведоштва и документи. Мрачен и сурово реален. Со еден збор - добар.
Сега сте вие на ред. Испраќајте ги вашите фотографии и коментари тука, па кога ќе се соберат ќе ги објавиме. Летото и така уште малку ќе потрае...