Постојат неколку теории за тоа кога и каде всушност почнал 20. век. Според некои, на пример, започнал во Даблин, во четврток 16. јуни 1904 во осум наутро, кога по скалите на старата кула Мартело се спуштил дебелиот Бак Малиган носејќи ја својата тацна за бричење. Тогаш и така почнува, секако, славниот „Улис" на големиот Џејмс Џојс, во следните стотина години канонизиран како најважен роман на 20. век.
Тој дваесети век заврши пак во сабота, 4. август оваа година, кога великанот на светската селф-хелп белетристика Пауло Коелјо во интервјуто за еден бразилски дневник со скромна церемонија и со неколку пригодни зборови конечно го закопа Џејмс Џојс.
„Денешните писатели пишуваат за да импресионираат други писатели", рече Коелјо, објаснувајќи му на уредникот како современата книжевност ѝ робува на формата испразнета од секаква содржина. „Една од тие книги кои причинија најголема штета секако е Џојсовиот Улис, која е чист стил. Тука нема ништо. Улис е будалаштина".
Така 21. век, векот на медиокритетите, го доби својот Џејмс Џојс, писателот таман по негова мерка. Имаше секако и претходно коелјовци, откако човек пишува и запишува, ги имаше и кога пред деведесет години Џојс конечно во Париз го објавил својот најславен роман. Но никогаш претходно, во сите дваесет векови до овој, ниту еден коелјовец немал амбиција да стане канон.
21. век, ерата на глобалното затапување и „владеењето на идиотите", е нивното долго чекано време: златно доба на просечните, на маргинализираното мнозинство кое конечно добива историска прилика да биде чуено и да суди. Со столетија притиснати од наметнат срам, тие сега се слободни конечно јавно да кажат дека Џојс е сложен и неразбирлив, како што е сложено и неразбирливо сè што е посложено од формата - и, нота бене, содржината - на статусот на Фејсбук.
Еднаш во книжарница со интересирање го прелистував новото дело на Паоло Коелјо, Џејмс Џојс на jack-ass цивилизацијата, и шокирано открив дека шарената книга претенциозно наречена „Промени" е всушност - роковник.
Добро, стар роковник, каков што татковците и мајките некогаш ги носеа од работа, со логотип на Бродосплит или Југопластика - планер со три стотини шеесет и пет датуми и простор за запишување на кратки потсетници, големи планови, згодни идеи или едноставни дневнички записи - Паоло Коелјо додал на дното на секоја страница по една од своите славни мудросерици од гимназиските споменари, ги спакувал како роман и му дал краток и ефектен наслов, па го ставил во излозите на книжарниците за 110 куни.
Секако, не се работи тука за парите - иако Џејмс Џојс на нашето глупо столетие има ставено во џеп по некој нов милион разни светски пари - туку за концептот, целиот во духот на своето време: роковникот на Коелјо за 2013. всушност е бланко роман, кого секој читател ќе го напише сам, но под името на Коелјо. Сите ние сме Пауло Коелјо, но само еден има трансакциска сметка.
Елитистичката книжевна критика додуше саркастично ќе оцени дека Коелјовите „Промени" се чист стил, форма во прилично буквална смисла испразнета од секаква содржина, но кој ја ебе.
Нашето младо столетие го доби својот Улис и својот Леополд Блум.
автор: Борис Дежуловиќ
извор: Слободна Далмација