Ако за релевантно да искоментирате нешто од областа на научната фантастика никој реално не очекува да сте биле на Марс, убедливоста на дискурсот во случајот со „литературата за возрасни" во голема мерка зависи од тоа колку ќе успеете да се наметнете како експерт на полето на сексуалноста, па со тон кај народот попознат и како „чекај, ја да ти кажам" да можете слободно да се подбивате и со авторот на книгата, и со оние читатели кои како понеискусни биле заведени на погрешен пат. Во случајов се работи за 4 милиони луѓе кои ја купиле „50 нијанси сиво" мислејќи дека „тука има нешто". И за една авторка, која иако тоа не е така, се збогати преку ноќ.
Аналитичарите кои ја нарекуваат оваа книга (прва од трилогијата) „феномен" имаат право за една работа: навистина е феномен кога во две илјади години старата западна цивилизација (за источната па ич муабет да не правиме), која изнедрила такви еротски дела - прсти да излижеш - од Маркиз де Сад, Анаис Нин, Набоков, Хенри Милер, Ерика Јонг или „Приказната за О" за која веќе пишувавме, масовно да паѓа во транс заради ефтина фикција во која двајца возрасни луѓе имаат хетеросексуален, договорен, крајно безбеден секс, чиј врв на перверзија е малку посилно потчукнување по газот. Во време кога нашироко се зборува за опаѓањето на креативноста и оригиналноста во другите аспекти на животот, фактот дека гореспоменатата нарација за толку многу луѓе може да биде ВАУ! е уште еден доказ дека тоа е навистина така.
Парадоксално е што сето ова се случува кога само еден клик на интернет ве дели од клипови со секс со различни припадници на флората, фауната и неживиот свет, како и некои особени видови на човечкиот. Но кога е во прашање сексот сферите на визуелното и вербалното, филмското и книжевното, како да функционираат според башка-башка естетски и етички критериуми. За да снимите порно клипче сè што ви треба е мобилен телефон и барем еден субјект во сексуален чин со друг, или со самиот себеси. Но за да ја опишете дури и истата сцена во книга, со зборови, и тоа да биде подеднакво возбудливо, е за тоа веќе треба вештина рамна на навлекување кондом со два прста.
Освен тоа, чинот на читање еротска книга е далеку поинтимен и личен – освен ако баш не се стиснете, тешко е да се чита книга во пар, па уште и да ви се слободни рацете. Плус книга може да се чита и во автобус, особено ако е електронска или ако врз неа сте ставиле корица од „Војна и мир". И да – досега во книжарница не сум забележала натпис „не служиме еротска литература на малолетници", ниту пак на мојот примерок на „50 нијанси" пишува дека таа е за над 18 години. За разлика од филмовите и алкохолот, книгата (оваа и која било друга) очигледно не заслужува да биде сметана за ризична според нејзиното влијание врз оние интелектуално или животно неподготвени за нејзината содржина.
Ваквата нерамномерност во пристапот е истовремено и во нејзина корист и на нејзина штета – сексуално неискусните млади луѓе лесно ќе дојдат до неа, и ако е за некоја утеха, барем нешто ќе прочитаат. Од друга страна, непостоењето, не на забрана, туку на некакво предупредување, дека станува збор за тоа како работите можат но не мораат да бидат, кај некои од нив може да создаде слика дека девојките навистина треба да бидат понизни спонзоруши, а машките контрол фрикови со камшик во левата и клучеви од Ауди во десната рака, со кои им мафтаат на првиве пред очи, мантрајќи: „Ти си никоја и ништоооо. Ти си никоја и ништооо."
Е. Л. Џејмс или нејзиниот издавач сепак не се толку глупави. Пишувајќи политички коректен садо-мазо роман (contradictio in ejaculatio), таа се погрижила главната јунакиња, г-ѓица Стил - се пишува Steele, ама звучи ко „челичната (лејди)" – да биде полнолетна, тазе дипломирана и компјутерски писмена идна новинарка, а г-дин Греј, нејзиниот богат и „настран" љубовник, да биде полн со разбирање за нејзината генерална девственост и нејзините посебни психолошки, здравствени и нутритивни потреби. Сите поединости од нивниот сексуален и друг однос се наведени во договор, кој до крајот на книгата останува непотпишан, што заради немукает, што заради тоа што двете спогодбени страни никако не можат да се договорат околу некои детали, како на пример бројот на часови кои таа треба да ги мине на фитнес или кој ќе и' ја купува облеката. Следејќи ги нивните преговори на темава, која главно се одвива преку електронска пошта (а од неразбирливи причини не и на чет, иако според брзината на одговорите и двајцата киснат онлајн, иако тој води фирма со 40,000 вработени – годината е 2011), за момент помислив дека тука има нешто подлабоко: критика на потрошувачко општество, понизноста на средната класа пред „камшикот" на капиталот, сведувањето на еротските односи на купопродажност, пазарна економија со телата и духот, а-у. Ама така и „Тајно моја" на Тоше има врска со лустрација.
„50 нијанси" всушност има само една маана. Досадна е. Можете да замислите дека читате како „неговиот јазик лизгаше врз нејзиниот папок, полека спуштајќи се надоле", а сепак одлучувате да ги прескокнете следните три пасуса? А тоа го правите затоа што ништо од тоа што се случува не ве понесува, јазикот на авторката не ви лизга, реченицата не ве скокотка, метафората не ви го дига.
Девојката, да повториме, е 22-годишна девица, која никако не може да се одлучи, дали е на ниво на емотивна интелигенција на дете од основно, или самоуверена, луцидна женска, која е подготвена на се'. Исто толку конфузен е и ликот на згодниот, млад бизнисмен Греј, кој де е садо-мазо верзија на Адонис кој не прифаќа „не" или „можеби", де е мифка, кој на секое цмиздрење на некоја-си-таму го пали млазниот авион и во секунда се материјализира во нејзината соба, заменувајќи го „ебењето" со водење љубов и свирење клавир со фаца која оддава трауми од детство.
Авторката е свесна за ваквиот впечаток, и истиот го правда со „сложената природа" на нејзините ликови. Не ја познавам, но можам да се обложам дека таа пак од садо-мазо секс видела само малтретирање по шалтери и вадење флеки од фломастер од детски пантолани, затоа што сите описи на опремата и начинот на кои се одвиваат работите во тој свет како да ги препишала од Википедија. Само едно бегло херменевтичко истражување на текстот ни ја открива и не толку скриената трага за истото: првото нешто кое и' го сугерира Греј на неговата „поданичка" е таа да се информира за сексуалните доживеалици кој тој и' ги нуди – преку Википедија. Оп, жив! Истовремено, можеби од завист или инат (да и' цркне козата на сопругата), мажот на Е. Л., и самиот писател во обид, во интервјуа кажува дека нивниот 20-годишен брак со две деца тинејџери не е ни оддалеку толку страсен, а дека таа е само „обична жена со свои фантазии".
Споредбите и културолошките референци се подеднакво очајни и недоследни. Типката не знае што е тоа „Травијата", но од прва го погодува мотетот на Томас Талис (морав да го Гуглам), ја чита „Теса од Д'Убервилови", и ракува со цитати од Елиот до Џон Дон. Игрите со зборови се толку суптилни што навистина бараат напор – г-дин Греј има сиви очи, а жената која го вовела во светот на мачењето заради уживање се викала (ај погодете) г-ѓа Робинсон. Статистиката на употребени зборови низ книгата покажува чести повторувања на клишеата: „Боже" во 50 нијанси сиво се употребува на секои 3,5 страници, некој „превртува очи" 14 пати, „си ја каснува горната усна" 43, а „црвенее" точно 127. Анастасија 77 пати влегува во дијалог со својата потсвест, при што 53 пати со својата „внатрешна божица", чии верски доктрини не успеавме да ги одгатнеме. Креветот нели мора да биде покриен со црвен сатен и да има дрвени столбови во дрворез, просторијата мора да е замрачена и некако готска, а единствената храна која се користи во сексуална игра да бидат – јагоди. Дај ѝ бре тетовски грав и везенка, да видиш како ќе се мачи.
Сепак, најлошо во целата работа не е мебелот или запршката, туку непознавањето или извитоперувањето на психологијата на една 22-годишна девојка со празно сексуално Си-ви. Кога легнува прв пат со Греј, Анастасија свршува три пати, при што првиот пат само од допирот на нејзините брадавици! Кога работата завршува таа е сета во крв, но тоа не ја спречува без момент интроспекција околу настанот да рипне од кревет и да почне да му подготвува појадок, пеејќи. Вториот пат, со наталожено искуство од првиот, е веќе сигурна дека се работи за „проклето добар секс". Зошто бе не кажуете вакви работи?
За разлика од книгата, со текстов ќе ни биде полесно да свршиме. Ако некој од сексот сака „ванила", за неговите вкусови не се расправа. Она што мене повеќе ме интересира се боите. А од 50-те нијанси сиво ја бирам – Саша Греј.