Сирените најчесто биле замислувани како суштества со женска глава и тело на птица, а нивната песна станала симбол за привлечноста што може да нè одведе во пропаст. Од тука потекнува и изразот „песна на сирените“, со кој и денес се опишува нешто примамливо, но опасно. Но, како името на овие митски суштества станало назив за звукот што го слушаме кога се огласува противпожарна тревога, полициско возило или систем за предупредување?
Околу 1799 година, шкотскиот физичар Џон Робисон конструирал уред со кој можел да го мери протокот на воздух потребен за создавање различни музички тонови кај дувачките инструменти. Уредот бил поврзан со „мевовите“ на црковни оргуљи и овозможувал да се утврди колку воздух е потребен за да се произведе одреден тон.
Дваесетина години подоцна, францускиот научник и инженер Шарл Канијар де ла Тур го усовршил овој механизам. Во 1819 година го опишал својот изум: составен од два диска со мали отвори, од кои едниот се вртел, додека другиот останувал неподвижен. Кога отворите на двата диска ќе се совпаднеле, воздухот можел да помине низ нив. Но, бидејќи подвижниот диск постојано се вртел, протокот на воздух наизменично се прекинувал и продолжувал. Така се создавал тон чија висина зависела од брзината на вртењето.
Де ла Тур го нарекол својот изум sirène – сирена. Уредот можел да произведува звук и под вода, што можеби го потсетило на митските суштества чии песни се поврзувале со морето и со судбината на морепловците.
Неколку децении подоцна, пронаоѓачи од двете страни на Атлантикот почнале да го приспособуваат механизмот за практична употреба. Неговиот силен и продорен звук бил особено погоден за предупредување на бродовите и за сигнализирање во услови на слаба видливост.
Во 1860-тите, американскиот пронаоѓач Џозеф Хенри развил верзија на сирената што работела на пареа и требало да се користи како труба која се огласува во случај на магла. Околу една деценија подоцна, британскиот инженер Џејмс Даглас помогнал во развојот на сирена што работела со топол воздух и била наменета за крајбрежно сигнализирање.
Принципот постепено се проширил и на други уреди за создавање гласни звуци. Сирените почнале да се користат кај светилниците, полициските и противпожарните возила, системите за цивилна заштита, рудниците и индустриските постројки. Така, името што со векови било поврзано со митски суштества и нивната опасно привлечна песна станало дел од секојдневниот јазик на современиот свет.