Пиењето бело вино по претпремиерата на „Татко“ во топлото катче на „Лаб“, додека надвор почнуваше да фучи октомвриски ветер, прерасна во своевидно продолжение на претставата - округла маса (без маса) на која се расправаше од чија страна на ликовите сме, „од кај зетот или од кај невестата“, од кај Саша или од кај Амернис? Режисерката Нина Николиќ стамено ја аргументираше поставката, одолевајќи на нашата инстант потреба да го посочиме виновникот и со тоа да се ослободиме од когнитивниот товар на неопределеноста. По фајронтот некои работи, значи, мораа да се дообјаснат. Така се случи ова интервју.
Дали во процесот на работа имаше нешто кај Стриндберг што ви тежеше како камен, што го доведувавте во прашање или што сакавте да го превртите наопаку? А што, напротив, се покажа како изненадувачки актуелно?
Текстот „Татко“ претставува автобиографско дело на Стриндберг кое тој го пишува непосредно пред разводот со неговата прва жена. На прво читање тоа делува како длабоко анти–женски, мизоген текст со однапред одредена теза. Она што почнува да тежи како камен кога подлабоко ќе навлезете во негова анализа е фактот што потребата да се наметнува таа теза произлегува од едно длабоко вкоренето чувство на отфрленост кое доаѓа од невозвратената љубов кон авторот од страна на неговата мајка. Во тој момент почнувате да разбирате дека текстот не зборува за омраза или затвореност во ставовите, туку за крајна несигурност во начинот на кој се консумираат машко – женските односи. Сега, на Стриндберг многу повеќе гледам како на човек чија душа е создадена од женски принципи: бескрајно предавање, страдање до степен на изнемоштеност, верба во љубовта; отколку на човек кој се повинува на машките принципи, како што сака да се прикажува.
Претставата „Татко“ е работена според адаптација на оригиналниот текст на драмската авторка Тамара Барачков со која долго баравме клуч како да направиме од текстот приказна за луѓе, а не приказна за „постојаната борба“ помеѓу мажот и жената. На почетокот мислевме дека е изненадувачки актуелно тоа што еден текст напишан пред повеќе од еден век во Шведска силно кореспондира со она што е реалност во однос на позицијата на жената во нашето општество, но текстот и процесот на работа нè доведоа до нешто друго. Она што всушност најмногу изненадува е затвореноста на поединецот во своите лични ставови. Ставови кои во принцип произлегуваат од научени шаблони, во случајов својствени за патријархалниот начин на размислување, кои забораваме да ги преиспитуваме и кои нè спречуваат да одиме чекор понатаму. Не слушањето на другите, самоувереноста дека сме секогаш во право и отфрлањето на туѓите размислувања се дефинитивно најсилни и најактуелни проблеми на светот во кој живееме.
Кога се осовременува класичен текст, што е поважно да се зачува: приказната, односите меѓу ликовите, идеите на авторот или нешто што би можеле да го наречеме емоционално јадро на драмата? Која е централната емоција што сакавте да ја предизвикате кај публиката, со која таа треба да замине на крајот?
Би рекла емоционалното јадро на драмата. Се разбира низ призма да осовременување на приказната и оживување на ликовите. Лично сметам дека доколку избираме да работиме класика, морам да најдеме на кој начин таа кореспондира со светот во кој живееме денес. На кој начин тогашните тези може да се третираат како важни за нас сега и овде. Верувам во театар кој зборува за мене, за оние околу мене и за проблемите кои се дел од светот на „обичните“. Мислам дека е исклучително важно да ги актуализираме проблемите со кои за занимаваат класичните дела без да бидеме жртви на оригиналниот текст и без да ни биде страв да го прикажеме и изговориме на сцена само она што е најважно. Мораме да зборуваме на јазикот на денешните млади, да зборуваме со брзината на денешното време и да ги актуализираме темите на начин на кој тие ќе бидат почувствувани од секој гледач поединечно. Публиката сакам да замине со чувство дека тешко можеме да знаеме кој е во право, но и со чувство дека сите ние лесно можеме да станеме жртви на сопствените демони.
Стринберг често се чита низ конфликтот меѓу мажот и жената, а неговиот текст лесно може да се интерпретира и како приказна за борба за надмоќ, во родова, семејна и воопшто во човечка смисла. Велите дека притоа не „навивате“ за ниту една од страните. Што се менува во нашето разбирање на драмата кога ќе се откажеме од потребата да одредиме кој е виновен - како тоа да не премине во релативизација и амнестирање од одговорност за постапките на секој од нив?
На прв поглед текстот делува токму така, како конфликт на двајца луѓе кои се борат за надмоќ. Реалноста е дека имаме семејство во кое целата финансиска моќ е на страна на мажот, сите останати (жени) во куќата се заложници на неговата добра волја во поглед на распределба на семејниот буџет. Во таа смисла борбата за „надмоќ“ кога е во прашање Лаура ми делува како некаков внатрешен порив за независност. Од друга стана, Адолф ја има финансиската независност и тоа го прави надмоќен во ситуацијата.
Кога започнавме со овој процес, ние како доминантно женска авторска екипа имавме потреба природно да ја застапуваме женската страна, но излезе дека ова е всушност текст за Берта, и за сите деца кои се жртви на ирационалноста на возрасните. И тука мислам на сите деца кои се дел од војни, кои се жртви на економска експлоатација, кои се жртви на семејно насилство итн. Доколку погледнеме низ објективот на детето сигурна сум дека ќе најдеме вина и кај двајцата родители. И тоа не само кај родителите туку и кај дадилката и кај социјалниот работник па и кај нас самите. Така што - сите сме виновни и никој не е амнестиран.

Дали во овој однос има момент кога двајцата би можеле да запрат, да се повлечат од конфликтот и да се обидат повторно да се сретнат како партнери? Или драмата ве интересира токму затоа што покажува како одредени односи стигнуваат до точка во која веќе не е важно помирувањето, туку само победата?
Верувам дека можат и мораат да запрат – поради личното достоинство и поради почитта кон детето; но сигурна сум дека не можат повторно да се сретнат како интимни партнери. И сето тоа не произлегува само од преминувањето на физичките граници кога нивниот односот ескалира до точка на вриење, туку од зборовите кои си дозволуваат да си ги кажат еден на друг. Зборовите не можете да ги вратите, навредата која е еднаш изговорена останува врежана во меморијата на секој емоционално свесен човек и дури и кога ќе простите не ги заборавате. Победата во случајов и пирова – кој е да е победникот. Помирувањето е невозможно, а лузните ги носите засекогаш.
Со оглед на актуелните дискусии околу маносферата, машките права и нуспојавите на феминизмот, дали сметате дека вашата адаптација може да се разбере и како ангажиран коментар на прашањата поврзани со машкоста - дали можеби Адолф е трагичен затоа што му е одземена (макар и замислено) и последната можност да биде „маж“ со тоа што е нечиј биолошки татко?
Овој процес направи да ја разберам историската потреба на мажите да доминираат над жените. Ми делува дека доаѓа од чувството на инфериорност кое природно го имаат тие во поглед на тоа дека „никогаш не се знае кој е татко на детето“. Можеби денес тоа може лесно да се докаже, но само до пред неколку децении такво нешто беше непоимливо. Инсистирањето на тоа жената да се идентификува како помалку силна, помалку способна, помалку важна во општеството, машина за раѓање деца – се само дел од нус-појавите на тој страв. Токму тоа чувство на несигурност за евентуалното „не-бидување“ биолошки родител на детето им го дава правото да инсистираат на доказ за „вечност“. По мене Адолф е повеќе трагичен зашто не може да согледа дека „вечноста“ на доаѓа од тоа дали е или не е биолошки родител на Берта, туку од фактот што Берта е „негова копија“. Така што, не мислам дека нашата адаптација претставува коментар во врска со прашањата поврзани со машкоста – напротив мислам дека е коментар на прашања поврзани со женскоста. Не се доживувам како феминист, но од друга страна сум сигурна дека ние жените имаме уште многу недобиени битки во поглед на рамноправноста. И тие битки мораме заедно да ги добиваме.
Дали современите Адолф и Лаура се поинакви луѓе од Стринберговите или само живеат во поинакви околности? Што од нивните стравови, потреби и противречности останува непроменето?
Текстот „Татко“ доминантно црпи инспирација од шекспировата трагедија „Отело“. Во двата случаја она што води до трагичен расплет е чувството на љубомора кај мажот. Ако земеме дека љубомората е комплекс на мисли, емоции и постапки до кои доаѓа како резултат на намалена самопочит во однос на саканата личност повторно се враќаме на тоа дека нашите постапки и тогаш и сега се засноваат на слични внатрешни борби. Оттука, современите Адолф и Лаура се многу слични, ако не и исти како тие тогаш, најмногу поради фактот што лесно им се предаваат на своите емоции и реакциите им се засноваат на ирационалното за сметка на она кое може да доведе до хармонија. Одат на сè или ништо и најважно од сè не се плашат од тоа да ги покажат слабостите. Затоа мислам дека станува збор за безвременски ликови кои од рингот излегуваат како трагични херои независно на времето во кое живеат. Губитници – повеќе пред себеси – отколку пред другите.

Во оригиналниот текст Адолф во една сцена во хамлетовски манир ѝ вели на ќерка си: „Гледаш, јас сум човекојадец и сакам да те изедам. Твојата мајка сакаше да ме изеде, но не ѝ дозволив. Јас сум Сатурн, кој ги изеде своите деца бидејќи беше проречено дека тие ќе го изедат него. Да се јаде или да се биде изеден! Тоа е прашањето. Ако не те изедам јас, ти ќе ме изедеш мене, а веќе ги имаш покажано забите!“ Дали е ова опис на универзалното „јадење“ на генерациите, кое е неизбежно за од старото да се создаде нешто ново? Дали и вие му „покажавте заби“ на Стринберг обработувајќи го неговиот текст?
Би рекла дека со оваа претстава ги кажавме нашите размислување за темите кои ги обработува самиот Стриндберг. Дали му „покажавме заби“ не знам – мислам дека не. Можеби само откривме нови слоеви на текстот кои кореспондираат со нас лично и кои се криеле зад маската на едно доминантно анти - женско четиво. Лично мислам дека новите генерации мораат да го надградуваат она што претходно го создавале оние претходните. Верувам во принцип на надградување, а не во принцип на деструкција и градење од почеток. Никако не смееме да помислиме дека нешто почнува и завршува со нас. Мораме да бидеме отворени да ги слушаме гласовите на оние претходно, а уште повеќе на оние што доаѓаат.
Следни изведби:
14.10.2026
04.11.2026
05.11.2026
09.12.2026
10.12.2026
Карти ТУКА
• Автор: Аугуст Стриндберг
• Режија: Нина Николиќ
• Адаптација на текст и драматургија: Тамара Барачков
• Продукција: „Перипетија продукција“
• Улоги: Саша Ханџиќ, Амернис Нокшиќ, Тони Денковски, Бојан Кирковски и Ирена Димеска
• Сценографија: Илина Ангеловска
• Костимографија: Ивана Каранфиловска Угуровска
• Музика: Оливер Јосифовски
• Видеоматеријали: Борјан Стојков