„Рејџбејт“ е германскиот младински збор на годината за 2026

Содржините што намерно нè лутат станаа толку вообичаени на интернет што добија и официјален сленг термин - иако е на англиски, тој е прогласен за најпопуларен збор помеѓу младите во Германија.

Изразот „рејџбејт“, кој може да се преведе како „мамка за бес“ или „содржина што намерно предизвикува гнев“, е избран за германски младински збор на годината за 2026. Резултатот е објавен на 10 октомври, на Саемот на книгата во Франкфурт, од издавачката куќа ПОНС Лангешајт.

Станува збор за објави, видеа или други содржини на социјалните мрежи што се намерно осмислени да предизвикаат лутина, фрустрација или морална огорченост. Целта не е нужно да се пренесе важна информација или да се започне конструктивна расправа, туку да се испровоцира реакција.

Изборот на младински збор е годишна иницијатива што ги бележи изразите што стануваат популарни меѓу младите во Германија. Од 2020 година, за победничкиот збор се гласа онлајн, а годинава во гласањето учествувале околу милион млади на возраст од 11 до 20 години (за претходните победници види на Букбокс тука).

„Рејџбејт“ добил 36,5 отсто од гласовите, зад него бил „пик“ (врв) со 33,8 отсто, а на третото место се нашол „крешаут“ (емоционален испад) со 29,7 отсто. И трите изрази потекнуваат од англискиот јазик, што уште еднаш го потврдува неговото силно влијание врз јазикот и интернет-културата на младите Германци.

Минатата година за младински збор на годината беше избран „дас крејзи“, додека во 2024 година победник беше „аура“.

14 октомври 2026 - 17:44