Наш човек на теренот

Репортажа од Варшавскиот филмски фестивал, ден 2: 11 Октомври во Варшава, два филма, три ракии и едно деколте

11 Октомври е голем празник. Не се пере, не се пегла, а пожелно е две ракии пред и чаша вино после ручек и задолжително цела фамилија да стави тупаница на десна слепоочница и најстариот да каже „со другарски поздрав напред“, а сите други во глас треба да извикаат „амин“. Важно е да се верува.

пишува:
Владимир Љ. Ангелов, филмолог

Дали фестивалот во Варшава имаше обѕири кон нашиот празник или тоа беше затоа што беше недела останува мистерија, но овој ден бев почестен со само два филма во натпреварувачката официјална програма, свечена вечера со членовите на сите жирија и слободно претпладне за акање. 

Варшава е прекрасна, од она што досега го видов. Од 25-тиот кат на Президеншал хотелот во сити центарот имам викториговски поглед по крововите на Варшава. Велелепно и импресивно. Слободното попладне го искористивме (со сопругата) за фото-сафари по стариот град. Варшава малку ме потсетува на Загреб, со некои градби во сецесиски стил, и други стилови меѓу кои и нам блискиот соцреалистички. Големи булевари, големи паркови, широки тротоари, убави луѓе пицнати од глава до пети и секој со своите бубачки. Хипстери, рапери и потомци на Романови и Хабсбурзи. Облакодери и замоци, Карпош 2 и Париз, Русија и Германија и уште полн куп контрасти се судираат во Варшава. Празникот ми го разубави едно величествено деколте што ме одмина во стариот град. Нешто што дава волја за живеачка на старците како мене, на омладинците им дава страст за живот, а на сите жени самодоверба. Не нападно како оние на Рас Маер, ова беше фино и дискретно како утринска роса. Бог е за народ, пластиката е отров. За жал, потресен од глетката не успеав да к(с)ликнам. А и воспитувањето не ми дозволува. И сега така... По сеќавање. И подобро зашто ништо не може да ја расипе таа слика. 

Свечената вечера со членовите на разните жирија беше во мишелинскиот ресторан Варшавски тигар. Полско-азиска фузија. Што би рекол Тони Бордејн на тоа, а? Имаше три-четири предјадења, главни јадења и десерти сите поставени на големата маса па секој да проба од сѐ. А на масата имаше свашта: живи риби и говеда, пекиншко-варшавски патки и разноразни загрозени животни. Луѓето беа белосветски и интересни. Престон од Монтана, Јон од Исланд, Карлос од Сан Себастијан, Вероника од Варшава, Теодора е од Романија ама живее во Белгија и ја знае Теона Митевска (има главна награда на Извесен поглед во Кан, па претпоставував дека ќе ја знае), Родриго е од Мексико. Родриго ме праша од кај доаѓам и потоа дали живеам во Скопје. Јас у прашалници. Вели дека трча пет километри секој понеделник, среда и петок и ја вежба меморија учејќи главни градови и држави. Пак прашалници. На Престон му вели дека главен град на Монтана е Елена. Родриго збори со тежок латино акцент и Престон одмавнува со глава. После некое време Престон вели дека главен град на Монтана почнува на Х и се вика Хелена. Родриго е цар.

Програмата, во Кинотека (Варшавската), ја започнав со МЕНТОР (Mentor, р. Keisuke Yoshida). Јапонски филм. Риносуке и Такуми се деца и си играат со оние големи кинески-јапонски жижалки и ќе запалат стан во кој ќе загинат жената и ќерката на Номото, а тој ќе биде тешко изгорен. Во моментите веднаш по трагедијата, таткото на Такуми ќе рипне од балкон. Петнаесет години подоцна тие тројца ќе се сретнат и ќе започнат некакво чудно дружење. Такуми е малку луд, досаден и нападен. Номото ја игнорира болката, а Риносуке продолжил и е олимпиец во стрелање со лак и стрела. Во нивното дружење ќе дознаат дека сепак тие не се криви за пожарот туку дека крив е соседот што пушел и фрлил неизгасена цигара. Петнаесет години траума за Такуми се изгубени и не прифаќа дека не е крив.

Немам некое добро искуство со јапонските филмови. Ќе генерализирам, ама добри се само оние што стануваат популарни и добиваат некои награди. Општата продукција е страшно проблематична. Меѓу нив е и овој филм. Не се работи за друга култура, мое неразбирање или слично. Прашањето во овој филм белки е дали незнаењето те прави виновен. Дали постои она детско „несакајќи беше“? Нешто што го прашува Томаш од Неподносливата леснотија на постоењето. Ама далеку е ова од Кундера. Некои работи кај овој филм, а и многу други што доаѓаат од Јапонија одат на нерви. Особено нападното глумење и преглумување, инсистирање на покажување на човечките сокови во напади на емоции (лигавење и мрсулавење) и неопитен хумор што не е смешен и на кој никој од публиката не се смее. Куросава не е јапонска кинематографија, светска е.

Вечерта на 11-ти и утредента на 12-ти беа резервирани за два кинески филма. Веќе реков дека филмологијата е тешка и напорна, не завидувајте ми. „Што работиш?“ „Гледам филмови“ „Блазе си ти“. Абе ајде. Мењам два кинески филма за пет дена работа во рудник. Оној од Индијана Џонс. Со комшикување и со сѐ. Ако видите дека филмот почнува со едно смешно клипче на кинескиот фонд за филмови (China film administration) со едно жолто змејче во црвен квадрат на зелена површина – размислете дали да останете. 

Првиот филм (Suzhou Quartet, р. CAI Chengjie) започна дефектно. Во најавната шпица кинеските букви беа поставени вертикално што е океј за Кина, ама и латиничниот превод беше поставен вертикално со буквите свртени наопаку и за нешто да прочиташ мораш да легнеш на десниот бок. Иди легни у кино да те видам. Четирите приказни во филмот не се раскажани како ПАЛП ФИКШН или ПРЕД ДОЖДОТ. Овде екранот беше поделен на четири и во секој екран одеше една од приказните. Видете ја фотографијата од филмот. Ќе ви биде појасно. Камерата статична. Во квадратчињата ништо не се случува. Некој збори нешто ама ти треба време да сфатиш кое квадратче е. Во кино идеме да гледаме филмови на големо платно, а не на четвртина платно. Не е филмско платно бурек, бре Кинези. Утредента се сретнав со Вероника од главното жири. Вели до кај десетта минута следев нешто, после ништо. Велам, не се секирај, не си сама, не е до тебе. Вториот (Her First Taste, р. Yiwen Gong) е „каминг од ејџ“ филмче за осумнаесетгодишно девојче што се вљубува за првпат во едно кинеско повлечено момче. Малку муабети за фанфикшн интернет литература, малку за Марсел Душамп и Кафка (дечкото е кинеско хипстерче), повеќе ќутење и кадри од ѕидови и од училниците кај што учеле Кинезите во втората декада на 2000-тите, на почеток на кинескиот економски бум. Двата кинески филмови ги оправдуваат БЈД како спонзори на фестивалот. И премногу им е. Научија да прават добри сериски коли, за филмови ќе јадат уште леб. Ориз де.

Ден 1 тука

13 октомври 2026 - 14:45