
пишува: Владимир Љ. Ангелов, филмолог
Секој фестивал почнува во превозно средство. Фестивали што не почнуваа така не ги есапам. Фестивали се, ама не за мене. Која е смислата да одиш на фестивал што се случува градот во којшто живееш? Тоа се вика работа, во социјализмот се викаше културно воздигање. Тоа е фестивал за другите, не за тебе. Ти си публика. Е, овој фестивал го почнав со авион. Далеку е Варшава. Далеку од нашите шверцерски тури. Тера инкогнита за мене и за повеќето Македонци. Визер не лета тука. Авионот полн. Мало лотче. Имав (не)среќа да патувам со театар Комедија кои идеа на некој театарски фестивал у некое гратче на 100 км од Варшава. Убаво за нив. Им реков дека ќе биде тажен ден за културата ако падне авионот. Дел од нив се укрцаа добро гасифицирани и го претворија лотчето у дупла двојка. Навиваа „Македонија, Македонија“, „едно име имаме“, аплаудираа, ја пееја песната од Мечето Ушко, држеа монолози исправени пред претежно полската публика и се смееја. Комедија нели. На Полјаците околу мене (а и на мене) не им беше смешно, па имав национално чувство на вина и ги оправдував демек „оставете ги, глумци се и идат на фестивал.“ Демек не се они криви.
Излегувавме од авионот и околу нивните седишта, ги знаете оние џепчиња на облегалките од авионските седишта, има купишта ѓубре. Очигледно Данела ни создаде лоши навики. Или тоа од дома си доаѓа? На аеродромот нѐ чекаше Олга. Млада, дваесетгодишна. И била летово во Македонија. Татко ѝ сакал историја и религија, и планини, и шетале по манастири и планинарски домови. Олга си тераше муабет со жена ми, јас младиот фестивалски шофер – волонтер го прашував за брендираната фестивалска кинеска кола што ја вози. Беше задоволен, бај-д-веј. Запрепастен ѝ довикнав на Слаџ да гледа колку е чисто околу нас. Беспрекорно чисто. Зуцка нема, не па ѓубренце да има наоколу. Олга вели дека кај нив фрлање ѓубре на улици е злосторство и се казнува. Пред 15-тина години било како во Скопје, ама навиките се смениле. А има и камери.
Го промашив филмот на отворање и од хотел директно се упативме на коктелот по повод свеченото отворање. Беше најавено како забава па можеби затоа немаше храна. Двајца типови муќкаа коктели и една женска вртеше плочи на два грамофони. Атмосфера парастос, келнерки згодни. Најверојатно војната во Украина го подобрува изгледот на луѓето од услужните дејности. Излеговме нешто да каснеме и заскитавме во некој локал откај што грмеше музика. Диско музика од осумдесеттите. Глорија Гејнор, Сабрина со Бојс, бојс, бојс и АББА. Омладина, 20-30-годишници, у делириум. Вртат шутка у штикли и миниќи на Гими, гими, гими. Еуфорија, мислиш дека си на панк-концерт у Единбург. Имаше пица. Одлична, на изненадување. Фестивалот почна топло-ладно.
Првиот филм што го гледав беше шведскиот (т.е. скандинавската копродукција) ПРОКЛЕТИ МАЖИ (Jävla Karlar). Режисерот Јенс Сјорген претходно го снимил ЈАС СУМ ЗЛАТАН, па имав позитивни очекувања. Малку се поколебав кога самиот Јенс пред почетокот, кога си го најавуваше филмот, рече дека му се допаѓа филмот. Не верувам на луѓе што си се фалат. Ама бев разубеден во оваа мојата предрасуда. ПРОКЛЕТИ МАЖИ е фантастичен филм сместен во 80-тите, во идеална реконструкција на овој временски амбиент, снимен според омилен шведски роман на Андрев Валден (Andrev Walden) за растењето на едно момче и самохрана мајка. Прикажани се три периоди од животот на Андрев и за тоа се употребени 3 деца актери. На почетокот има 6-7 години. Потоа околу 11-12 и на крај има 14 години.
Филмот нема класичен заплет туку лежерна наративна форма. Андрев дознава дека неговиот татко кој што го тепа не му е вистински татко и почнува да живее во свој свет. Мајка му, Мона, го напушта очувот со кој има уште едно дете и од село, од некоја шведска забит, оди во град. Во градот Мона менува мажи (во книгата Андрев вели дека има десетмина „татковци“ за десет години) кои продолжуваат да го малтретираат Андрев, но тоа не е главната нарација, затоа што Андрев има живот и покрај семејното насилство на кое е постојано изложен. Стекнува другар, се вљубува за првпат, ги открива жените и на крајот ја губи невиноста. Сето тоа е снимено со извонредна духовитост, стил, ненаметливост, одлична! глума на сите деца во филмот, лудница музика (Joakim Åhlund) составена од два акорда што се менуваат редундантно и снимена во повеќе инструментални изведби... Има една сцена каде што еден џанак, дечко на мајка му, ги тепа мајка му и сестра му во стан, и тоа е снимено маестрално. Сцена што треба да се изучува по академии. Клаустрофобична во мал простор во полусубјективен кадар. Ако ја начекате книгата - читајте ја, ако го начекате филмот – гледајте го. На шпицата беше наведен и Нетфликс, значи ќе биде таму кај и да е. Би го гледал повторно. Па и повторно, богами.

Вториот, ТЕСТ, привлекува внимание во фестивалскиот каталог со фотографијата на билдер. Ѕвер од маштаб на Шварци. Нема шанси погледот да не ти заскита на таа слика. Еди е бодибилдер што сака да стане професионалец, има посесивна и религиозна мајка што го следи на натпреварите и религиозно го обожава, работи како келнер и дополнително заработува преку четови продавајќи го своето тело на попалени мажи. За да напредува во спортот се здружува со постар бодибилдер, Мајк, во меѓувреме се поврзува со неговата стара девојка (танчарка со која еднаш води љубов) и се вљубува во Мајк со кој исто така води љубов, „слободна мушка љубав“. Се навежбува, нели, и на крај, покажувајќи го своето тело со музиката од Лебедот на Камиј Сен-Санс (Camille Saint-Saëns) победува на државното првенство со што станува профи.
Ако сакате лигави филмови, патетични, со купишта машки газиња, а богами и патлачиња, тешки психолошки драми на идентитет (сум ли или не сум геј, прашање е сега?) бујрум. Да се разбереме, филмот има потенцијал ама очигледно е уништен од самите автори. Добар режисер би снимил добар филм, со истата екипа. Билдерите играат изненадувачки добро. Главниот актер, кој е и сценарист, Брок Јурик (Brock Yurich) е одличен. Гледам има добра и долга филмографија. Мајка му ми идеше на нерви. Личеше на лошо оматорена Ема Стоун, а и збореше како неа. Интересна беше интроспекцијата во животот на билдерите – инјекции, тестостерони, стероиди, инсулин. Совет за мажите: ако сакате да ја тестирате ваша машкост, иако мислам дека насловот доаѓа од тестостерон, бујрум и гледајте го филмот. Ако ви замрда нешто во ѓаќите, ваш проблем. А, ако не сакате искушенија, слободно рипнете го. И еден за жените: ако не го гледате, нема да пропуштите многу. Сцената каде што геј билдерот води љубов со бившата женска, со некоја лигава песна во позадина и монологот потоа, ги вклучувам во најпатетичните сцени во историјата на кинематографијата. Нејсе, да не бев во жири, ќе си излезев после оваа сцена и ќе се поштедев од доста сугестивната љубовна сцена помеѓу младиот Еди и постариот Мајкл. Нивните тела во љубовен грч, бакнежите на испотените мускули, нежните допири на маслосаната кожа... Подобро да заборавам, а? Животот на еден филмолог е исполнет и со предизвици. Живеам на работ. Ви реков, почетокот на фестивалот помина топло-ладно. Со две семејни драми. Ќе видиме како ќе продолжи.