„Приказната на О" е еротски роман, објавен во 1954 под псевдонимот Полин Реаже. Една жена под име „О" е доведена во замокот Роаси каде добива детална обука за тоа како да ги задоволи мажите - припадници на елитна група. Рене, нејзиниот прв љубовник, во знак на великодушност, по успешно завршениот курс ја предава на Сер Стивен, кој стои повисоко во хиерархијата на доминантните господа. Целта, меѓу другото, е таа да научи да му служи некому кого не го сака. Но О со текот на времето се заљубува во Сер Стивен, а и тој во неа. При крајот на книгата таа се согласува да биде жигосана и да носи пирс на срамните усни со неговите иницијали, па и да умре за него.
Иако само една година по објавувањето книгата добила престижна книжевна награда, француските власти го тужеле издавачот за 'бесрамност', и успеале да издејствуваат забрана за нејзино јавно промовирање. Вистинскиот идентитет на авторката е обелоденет дури 40 години по првото објавување, во интервју за Њујоркер каде Полин Реаже, односно Доминик Ори, сега бабичка со сива коса на свои 86 години, го открива вистинскиот мотив зад нејзиното контроверзно дело. Книгата, вели таа, била замислена како љубовно писмо до Жан Полан, француски писател, литературен критичар и нејзин љубовник, кој бил обожавател на Маркиз де Сад. „Жена не може да пишува како Сад", ѝ рекол еднаш, и таа решила да му покаже..Полан бил импресиониран, напишал вовед во кој се прави дека не знае кој е авторот, и го понудил за објавување. Останатото е историја.
Најголемите реакции по објавувањето на книгата дошле од феминистичкиот табор - „О" нема свој идентитет, тоа дури не е ни име, повеќе симбол на некакво дупче (orifice) или објект. Романот е читан како глорификација на понижувањето на жената, на нејзиното ултимативно подјармување. Но колку и да изгледа неверојатно на прв поглед, „Приказната на О" е навистина љубовна. Колку понижување трпи оној кој длабоко сака? Што е физичката болка во однос на болката која ја предизвикува отфрлањето? Што сме подготовени да сториме само да бидеме сакани? Доминик Ори, инаку уредничка во познатата издавачка куќа Галимар, преведувачка и добитник на бројни награди меѓу кои и француската Легија на честа, веројатно за нејзиниот љубовник не била (само) сексуален објект. Но зошто па зошто и паметната жена да не може да биде нечиј мрачен предмет на желбата, особено ако тоа е нејзин избор? Човек некогаш едноставно сака да припаѓа, без оглед на цената. Полан никогаш не се развел од неговата (втора) жена. А Полин Реаже, алијас Доминик Ори, четириесет години го криела својот идентитет, и нивната љубов.
Во 2005 е снимен документарец во продукцијата на Цајтгајст под наслов „Авторката на О", во кој се појавуваат вистинските ликови поврзани со приказната. Книгата била неколку пати екранизирана, иако филмските адаптации не ја доживеале нејзината слава. Во 1975 Жерар Дамјано познат по „Длабоко грло" и „Ѓаволот во госпоѓица Џонс" го направил „Приказната на Џоана", комбинирајќи ги мотивите од „Приказна за О" и Сартровата „Без излез". Истата година книгата е адаптирана за стрип од италијанскиот уметник Гвидо Крепакс. И токму тука лежи причината зошто книгава ви ја препорачуваме токму сега: минатиот месец од печат излезе ново, луксузно издание на таа графичката новела, со тврди корици обложени со црно платно и златни букви. Оваа 'позлатена' О ќе биде нејзиното прво комплетно, независно издание на англиски јазик.
„Приказната за О" ја добив како подарок за еден роденден. Мојата е без илустрации. Но, како што реков, има нешто и во зборовите...