Кодекс Серафинианус на италијанскиот уметник Луиџи Серафини опишува еден бизарен, фантастичен свет, во кој дури и препознатливите симболи се доведени до екстремно необичното. Референците на нашиот свет се очигледни - има тука и земска флора, фауна, наука, машини, игри и архитектура. Но тие се претставени во толку чудни контексти (диви луѓе со сообраќајни знаци, глави од елени во саксии, перца за пишување вградени во ноктите), што ви се чини како прв пат да ги гледате. И сето тоа надополнето со „објаснувања" на сосема непознат јазик и писмо, што ја прави мистеријата уште поголема.
Книгата била прв пат објавена во два тома во 1981. Потоа се излезени уште три изданија, кои се продаваат за цена од 350 долари. Првото издание со потпис на Серафини на AbeBooks (сајт за книги од втора рака) достигнала цена 5.000 долари. Некои велат дека книгата е пророчка, и го најавува подемот на информатичкото општество и интернетот, во кое секоја порака е кодирана, но истовремено и крајно сомнително вистинита. Ако е навистина ваков светот во кој живееме, тогаш тој и не е толку здодевен.