Значи ако си роден у 90-ти, огромни се шансите дека си бил на летување у Бар - Црна Гора и дека татко ти после два-три бокала изворски-студен шприцер ти раскажувал како тоа светлата од карши се градските кандeлабри у Бари - Италија, притоа немајќи пари да ти купи уште еден сладолед пошто мајка ти дала доволно кеш само за два-три бокала шприцер.
Веројатно тоа биле привиденија и искри од високиот притисок, ама како и да е. Исто како да си бил у Бари. Бари сигурно те има заебано за добивка. А си ја имал сигурна. Заебано место е Бари. А од заебано место потекнуваат и заебани сосови. Еден од таа екипа е и сосот alla assassina - или во слободен превод: сос-убиец. Обично се приготвува со паста.
Но мене во моментот на приготвување ми требаше гарнир во форма на компир и плус нешто пикантно пошто за главно јадење имав мрсни месишта, па решив да одам играм на тактика: фузирање. Компир со сосот-убица. Обично сите сосови што идат со паста одлично се вклопуваат и со компир. Ако не сте пробале компир-карбонара (види Карбонарници) јас не знам што чекате. Си викам: од пикантен, богат и моќен компир не може да има зијан. Башка е одличен крилен центар што суптилно постигнува дабл-дабл учинок.
Затоа: Скоцкав пола кило млад компир на коцки со големина како зарови за барбут, само пута два. Ако немате млад, слободно исецкајте некој сениорски. На ред е да го егзекутираме убиецот:
Во длабок сад џвркаме 4 супени лажици томато-паста, додаваме бааги маслиново (едно 100 мл), потоа следуваат 4 чешниња ситно сецкан лук, буковец и црвен пипер. Црвено како у град после работа. Рустичноста од сушениот пипер ќе ја направи магијата. На крај дотураме сол по желба.
Со кујнска жица ги мешаме зарзаватите. Откако сосот е готов, во садот улетуваат компирите. Добро промешуваме за секое парче да се усоси. Потоа рендаме пармезан и повторно мешаме.
Компирот го поставуваме на плех со хартија за печење. Наслануваме уште еден слој пармезан. Печеме на 200 едно 40-тина минути. Од рерна вадиме екстра секси исунчан компир, со борда основа. Кујната треба да ви замириса на димено.
Додека компирот е врел, рендаме уште еднаш пармезан за да љубоморат комшиите. На крај следува свеж магдонос. Не постои подобар гарнир.
Не дека не може да го таманите и како главно мезе со омилената ви ватрена вода. Месото гледа и уопште не му е сеедно, одма осеќа конкуренција.
Предупредување: може да лути. Но, не лути се човече.
Кирил Стоименов - самоубиец од заседа