Добар ден карбон-неутрал младино. И малку постарино. Денешната мисија е јасна & гласна: да се испокарбонарчиме од глава до пети. Онака домаќински. Но најпрвин, доза етимологија и трескање глупости:
Карбонарата станала карбонара пошто била омилена паста на карбонарите. А карбонарите биле тајно револуционерна екипа у рани 1800-ти, главно либерали што се залагале за национално единство. Чудни некои времиња. Кружат гласини дека они всушност поставиле темели, односно кренале цокле за италијанскиот фашизам век ипол подоцна. Ги класифицираат како масонски одред што врши иницијации по италијанските пештери. Името во буквален превод значи ‚ќумурџии‘, одлично име за стонер-рок бенд од светиниколско, што пее стриктно за скара. Е па, чим овие влакноносести барабишта ја претпочитале оваа паста, сигурно постои добра причина зошто.
За да ја дознаете причината, погалете го вашиот дисплеј одоздола нагоре:
Суво свинско, засекогаш. Сланина, гванчале, панчета, шпек, како сакате. Цепкаме 150 грама. Месото го касапиме на мали коцкички. Коцките во тава. Тавата на рингла. Ринглата на средно-јак оган. Го пропржуваме месото едно 10 минути, или додека не пушти мрсничко. Растопените масти ги префрламе, месото го оставаме да чека во тавата.
Во тенџере додаваме вода и ги вариме шпагетите според упатството. Во садот каде што ја истуривме мрснинката внесуваме 2 жолчки. Во жолчките рендаме 50-70 грама пекорино, пармезан или некое тврдокорно италијанско сирење. Свежо искршен бибер. Да се изнакиваме како луѓе. Сето ова го соединуваме со вилушка или кујнска жица и чекаме на шпагетите.
Успат вадиме еден филџан од водата во која се варат. Водата мора малце да се олади како би избегнале полуготов омлет со шпагети.
Кога пастата е на 90% од предложеното време на опаковката, ја префрламе во тавата. Ја запознаваме со месото. Потоа ја додаваме нашата смеса заедно со пола од водата во филџанот. Постојано мешаме. По потреба дотураме вода, по малце.
Мешаме јако како руска мешалица у Црна Гора.
Откако оваа кремаста перверзија е готова, ја украсуваме со уште малце свежо рендано сирење и црн пипер. Јадеме директно од тавата како вистински револуционери. Со многу вино.
За слободата!!!
Кирил Стоименов - Бафало солџер, дред лок паста