Дијагностички водич

Кoj тип читател си?

Текстот на Марк О'Конел за читателската промискуитетност поттикна многумина да „излезат од шифоњерот", и со олеснување да признаат дека и тие скокаат од една книга на друга, па дури и дека учествуваат во читачки оргии. Но темата инспирираше и дискусија - колку типови читатели всушност постојат?

Еве една предлог класификација, кој можеме и да ја дополнуваме. Важна напомена: ова е обид за класификација на луѓе кои навистина читаат книги. Останатите спаѓаат само во една категорија - нечитачи.

Читател-мазохист

Читател кој иако го мрази прочитаното, парадоксално, токму заради тоа, се „навлекува" на текстот и е целиот во очекување дали авторот ќе се надмине себеси во трескањето глупости на следните страници. Има еден куп бестселери кои се читаат токму од оваа причина - човек ги почнува за да види што е тоа за кое толку се зборува, и се фаќа себеси како е при крајот на книгата, која всушност воопшто не му се допаѓа.

Хронолошки читател

Споредено со промискуитетниот, ова е верниот, посветен читател. Купува книга-ја чита. Позајмува книга-ја чита. Не запира до крајот, а ако дојде во такво искушение потоа се чувствува лошо. Човек и читател на кој можеш да се потпреш, методолошки и морален победник во сите категории.

Книготерминатор

Ако книгите ви се расфрлани низ дома, со извиткани страници и прекршени „грбови", вие спаѓате во оваа категорија. Толку ги сакате, што просто морате и физички да им ја искажете приврзаноста. Имате и такви зафатени од поплава, кои безуспешно сте пробале да ги сушите на сонце и се нечитливи. Сепак ги чувате, затоа што ги сакате книгите. Совет: купете си е-читач.

Читател со задоцнување

Секако дека ги сакате книгите, но кога ќе влезете во книжарница купувате повеќе отколку што можете краткорочно да прочитате. Потоа, кога ќе се вратите дома, со посветеност на верник ги редите на полиците, но со денови сте многу, многу зафатени, и можеби ќе поминат месеци пред да отворите една од нив. Кога конечно ќе ја прочитате, сте толку задоволни што си велите „како порано не ми текна да ја отворам?"

Фетишист

Спротивно од книготерминаторот, овој тип читател го сака дури и мирисот на книгите, нивниот допир, пожолтените страници. Сака да спасува книги од улица, ги купува дури и во супермаркет, ги цени и оние во тврд повез, сака сè. За него тие се објект на убавина, и никогаш, никогаш не би ги повредил.

Инфантилен читател

Вие сте возрасен човек кој го чита „Вини Пу". Не се секирате многу околу тоа, напротив, се чувствувате како слободен мислител. Дури и во поодминати години ваши фаворити ќе останат „Малиот принц" и „Галебот Џонатан Ливингстон", кои го одразуваат детското во вас, кое никогаш не умира.

Стармал читател

Вие сте дете кое чита книги за возрасни. Наставничката постојано ви вели дека некоја книга „не е за ваши години", но тоа не ве обезхрабрува. Дикенс, Селинџер, Вонегат..имате прочитано се'. Кој знае што ќе ви остане да читате за кога ќе остарите.

Креветски читател

Дали мислите дека единственото време кое го имате за читање е пред да заспиете? Си легнувате со книга која е супер, ама креветет е уште посупер. Не можете да ги додржите очите отворнени ни половина час и се будите со нигата врз лице и запалено светло во 3 наутро. Препорака: читајте седнати на столче.

3 септември 2012 - 07:34