Погрешно сфатени цитати

Извадени од контекст, некои од познатите изреки на славните писатели понекогаш се толкуваат сосема спротивно од оригиналното значење. Или - онака како што ни одговара.

„Тргнав по патот по кој поретко се оди"

Во славната песна на Роберт Фрост, „Патот што не го одбрав" (The Road Not Taken), тој се обидува да одбере една од двете патеки кои се пред него. Ги погледнува и ја бира втората, иако му е горе-доле сеедно. Ако внимателно се чита, не се работи за некаков свесен избор на пат кој е потежок, алтернативен, херојски, туку едноставно понеразгазен пат кого го одбрал случајно, иако на крај признава дека токму тоа „ја направило целата разлика". Дали знаеме што го чекало на другиот пат? Не. Епа за сите е така.

„Парите се извор на сите зла"

Не парите сами по себе, туку љубовта кон парите. Или според Светото писмо (на МПЦ): „Коренот на сите зла е среброљубието, на кое што некои, откако му се предадоа, се отклонија од верата и си навлекоа многу маки" (Прво послание на св. Апостол Павле до Тимотеј, 6:10)

„Ох, Исток е Исток и Запад е Запад, и тие никогаш нема да се сретнат"

Овој стих од поемата „Балада за истокот и западот" на Радјард Киплинг од 1889 често пати се користи во политички говори на тема надворешна политика (барем во САД), како доказ дека географски и идеолошки спротивните страни на глобусот никогаш нема да се сретнат. Но она што се пропушта е еден од следните стихови: „Но не постои ни Исток ни Запад, ни Граница, ни Раса, ни Род/Кога двајца силни мажи ќе застанат лице в лице, тие доаѓаат од крајните точки на земјата". Со еден збор - светската колонизација ќе се случи без оглед на гео-политичките граници.

„Ѓаволот е во деталите"

Она што Лудвиг Миз ван дер Рое, брилијантниот германски архитект всушност го изјавил, а голем број луѓе го искривоколчуваат, е: „Бог е во деталите". Негова е и славната: „Помалку е повеќе".

„Добри огради чинат добри соседи"

Роберт Фрост уште еднаш напишал песна која секој ја толкува како што ќе му текне. Во „Поправање ѕид" една ограда одделува два соседни двора. Секоја пролет комшиите заедно ја поправаат. Но секогаш се караат дали им е воопшто потребна. Последниот стих е всушност ироничен - секој си ја одржува оградата од навика, а не затоа што навистина му треба.

„Крвта е погуста од водата" (или Крвта не е вода)

Оваа ја слушаме секогаш кога треба да се истакне важноста на семејството. Но, оригиналната изрека на англиски била „Крвта на договорот е погуста од водата на матката" и се однесувала на важноста на крвта на војниците. Припадноста на војската се промовирала како поважна од припадноста на семејството.

15 октомври 2013 - 11:43