Младата украинска „елита“ се убива за крипто далеку од фронтот

Додека илјадници млади Украинци гинат бранејќи ја својата татковина, нивните врсници од „елитните“ семејства на тајкуни и политичари ѕверски се убиваат по европските метрополи, каде што беа засолнети за да не одат на фронтот. Син на амбасадорка во Бугарија мачел и запалил свој другар, син на функционер од Харков, во обид да му ограби 200.000 долари во криптовалути.

Амбасадорката на Украина во Бугарија, Олесја Илашчук, потврди дека нејзиниот 19-годишен посинок Богдан Ринжук е приведен во Одеса како првоосомничен за убиството на Данило Кузмин, 21-годишниот син на заменик-градоначалникот на Харков, при крајот на ноември во Виена. На Ринжук му се суди за свирепо убиство и му се заканува максимална казна доживотен затвор.

Илашчук побара од медиумите да се воздржат од шпекулации, да не го политизираат случајот и да не го поврзуваат со нејзината дипломатска служба, која сама по себе е контроверзна.

Илашчук, по професија специјалистка за накит и сексологија, не ги задоволувала критериумите за образование и дипломатско искуство кога беше назначена за амбасадорка во Софија во 2022 година. Главните квалификации ѝ биле дебелите политички врски на нејзиниот богат сопруг Иван Ринжук, татко на приведеното момче. 

Проценката на ситуацијата поврзана со притворањето на мојот син треба да се базира исклучиво на официјални податоци и судски одлуки, а не на претпоставки или емоционални коментари, додаде Илашчук.

Откако почнала војната во Украина, Сергеј Кузмин, заменик-градоначалник на Харков, го префрлил својот син Данило да студира во Виена. Тој исчезнал на 25 ноември. Во исто време биле испразнети две од неговите дигитални сметки за криптовалути.

Веќе следниот ден било откриено пеплосаното тело на Данило на задното седиште во запален мерцедес со украински таблички. Момчето било идентификувано врз основа на стоматолошки картон, иако речиси сите заби му биле искршени. Обдукцијата покажала дека тој починал од страшни трауми од удари во главата. Телото било запалено за да се прикријат трагите.

Истрагата укажува дека Данило Кузмин бил грабнат во подземен паркинг на луксузен хотел во центарот на Виена. Заседата му ја поставил Ринжук, кој му бил факултетски колега. Откако во разговор случајно дознал дека Данило поседува многу биткоини, Богдан ангажирал поранешен украински цариник за да го ограбат. При мачењето Кузмин открил лозинки на две сметки, на кои имало криптовалути во вредност од околу 200.000 долари. 

По злосторството убијците брзо ги размениле виртуелните пари за реални и ја напуштиле Австрија, која објавила меѓународна потерница.

Младиот Ринжук бил приведен при крајот на ноември во Одеса. При апсењето кај него биле пронајдени 90.000 долари во кеш. Одреден му е 40-дневен притвор и веројатно ќе му се суди во Украина, затоа што законите не дозволуваат да биде екстрадиран во Австрија.

За убиство ќе му се суди и на 45-годишниот Олександр Агоев, кој со години бил на директорска позиција во царинската служба на Одеса.

20 декември 2025 - 15:03