- Ме прогонува еден пасус од „Приказната за слугинката“ од Маргарет Атвуд: „Тогаш го суспендираа Уставот. Рекоа дека ќе биде привремено. Немаше дури ни бунтови на улиците. Луѓето остануваа дома ноќе, гледајќи телевизија, барајќи некаков правец. Немаше дури ни непријател во кој би впериле прст.“
- Во срцето на оваа мисла лежи тишината: беспоговорното прифаќање на ерозијата на слободата, пасивност и зомбификација на општеството. Од денешна перспектива, разликата во голема мера е само технолошка. Повеќе не зјапаме во телевизиските екрани туку бесконечно скроламе на нашите телефони, скокајќи од една сензација до друга, од едно одвлекување на вниманието до друго. За разлика од фиктивната ситуација на Атвуд, денес имаме цело мени од непријатели од кое можеме да бираме: Русија, Кина, Венецуела, Иран или Хамас.
- Непосреден повод за овој текст е воведувањето на таканаречените „рестриктивни мерки“ (иновација поврзана со Каја Калас), заедно со многу рекламираниот „Штит на демократијата“ на Урсула фон дер Лајен. Само е повод бидејќи самиот феномен, тивкото, вонсудско казнување на поединци и групи, го имаме веќе некое време. Само што гледавме телевизија или скролавме исто толку пасивно како и сега.
- Едно време ги ругавме украинските власти кога направија таргет листа на поединци кои ги сметаше за проруски – сега ЕУ се поукраинчи, па наместо да влијае врз украинската клептократска власт, таа ја копира и надградува.
- Накратко, самите столбови на правдата се поткопани. Граѓаните се третираат како да се веќе виновни, лишени од своите права и немоќни пред арбитрарниот авторитет. Резултатот е кафкијанска реалност во која законот постои само како перформативна фасада, додека слободата, правичното судење и човечкото достоинство се суспендирани.
- Иран формира нова дигитална платформа за осигурување „Ормуз сејф“, како ново владино тело за управување со бродскиот сообраќај низ Ормускиот проток. Платформата ќе се потпира на плаќања со криптовалути.
- Според планот на Министерството за економија, управувањето со теснецот преку рамка за осигурување би овозможило издавање на разни полиси за поморско осигурување, како и сертификати за финансиска одговорност, наместо да се наплаќа „патарина“. При идеални околности, ова би можело да генерира до 10 милијарди долари приходи за Техеран.
- Планот ќе почне со осигурување кое покрива инспекција, задржување и конфискација на бродови. Штетата од воени напади нема да биде покриена.
- „Овој модел би бил прифатлив за другите земји во мирно време, а сепак би му дозволил на Иран да врши контрола врз теснецот“, објави државната новинска агенција Фарс.
- Молдавските лидери ја осудија како „закана“ одлуката на Владимир Путин да го поедностави процесот на давање руско државјанство на жителите на регионот Придњестровие, кој се отцепи од Молдавија пред 36 години.
- Една половина од жителите на Придњестровие веќе имаат руско државјанство. Декретот на Путин објавен во петокот им овозможува на уште 350.000 луѓе да добијат руски пасоши без да го исполнат условот за постојан престој во Русија.
- „Ова е начин повторно да ни се закануваат, бидејќи на Русија не ѝ се допаѓаат нашите акции за реинтеграција. Веројатно им требаат повеќе луѓе за да испратат во војната во Украина“, изјави молдавската претседателка Маја Санду.
- Рускиот амбасадор во Кишињев, Олег Озеров, изјави дека потегот е од хуманитарни причини, во согласност со меѓународното право, поради „зголемениот притисок“ од Молдавија врз Русите. Тој ги оцени реакциите како „лицемерие“, бидејќи Молдавија им дозволува на нејзини граѓани да добиваат романски пасоши.
- Придњестровие се отцепи во 1990 година, кога Молдавија сè уште беше советска република. По двегодишен судир со повеќе од 1.000 жртви, двете страни се во мир, заштитуван од контингент од 1.500 руски војници. Регионот има свои политички институции - парламент, војска, полиција и поштенски систем.