
Постои еден језив културолошки парадокс што лукаво се укотви во балканските дневни соби. Турските серии дојдоа како гости-падобранци, останаа како напорни роднини на крајот на славата и полека почнаа да ни објаснуваат како функционира светот. Оваа културна асимилација баба ми ја опиша како „нивните коњи повторно ќе пијат вода од наши реки, вака или онака“. Нашите родители ги гледаат со внимание како животот да им зависи од нив. Но што извлековме од оваа културна размена? Како и секогаш - погрешното.
Седам со баба ми, пијам кафе мамурен како копук, празниот стомак почнува селска буна, додека во позадина оди турска серија. Баба ми гледа со полуотворени очи. Јас не ја гледам серијата, туку зјапам што има на масата. Што се служи. Како изгледа нивниот појадок. Гледам некој јаничарски јајца, послужени врз кремаст сос, со бордо-црн прелив. Главата - харем. Стрвови на најјако. И тука ми станува јасно: ние од тие серии ги извлековме најлошите лекции. Ги земавме ниските страсти, интригите, трачот, хистеријата, моралната паника. А ги игнориравме овие ситни, културолошки стабилни моменти. Кујната. Ритамот. Односот кон храната како суштински дел од животот.
Овие јајца на турски начин не се носталгија и не се егзотика. Тие се потсетник дека културната размена не мора да оди преку драма и дерење ФАТИМЕЕЕЕЕЕЕЕ. Нема евтини заплети, нема малициозен поглед во камера. Има топлина, баланс и едноставна мудрост. И можеби токму затоа вреди да го вратиме на маса. Не како фенси бранч, туку како корекција.
Намирници:
- Свежи јајца
- Jогурт, павлака или кисело млеко
- Лук (по желба, ситно рендан)
- Сол
- Путер
- Мелен црвен пипер (благ или малку лут)
- Сув копар
- Лимон (парче, за свежина)
- Леб или тенка пита, за сервирање
- Постапка

Јогуртот се меша со малку сол, копар и чешне рендан лук или лук во прав или гранули. Се остава на собна температура зашто ладниот јогурт ја убива нежноста на јадењето. Се размачкува во широк тањир, како подлога.
Во меѓувреме, јајцата се пошираат на тивко вриење. Белката да се стегне, жолчката да остане полу-жива.

Во тенџере загреваме вода со 2 лажици оцет на најјако. Кога водата ќе почне да врие ја намалуваме јачината на ринглата за две третини. Со лажица правиме вртлог и ги додаваме јајцата кои треба да се варат 3-4 минути. Јајцата ги нанесуваме врз јогуртот. Посолуваме.

Во мало тенџере се топи путерот. Кога ќе почне да пени, се трга од оган и се додава црвениот пипер. Со оваа мешавина се полеваат јајцата, колку и безобразното тоа да звучи.

Се сервира со леб или пита, нешто што ќе собира, ќе брише и ќе поврзува.
Овој рецепт е против-отров од погрешно извлечените лекции од туѓи култури. Пробајте го овој спектакуларен алаш-вериш.
На здравје!

Кирил галиба Стоименов