Осло. Стадион Улевол. Репрезентацијата на Норвешка после првото полувреме водела 1:0 против Данска. Во 56’ минута еден аут на средина од теренот за Данска. Данецот Франк Арнесен со глава ја удира напред каде бекот Оге Харејде треба само да ја врати до голманот но тоа го прави премногу млако па Лаудруп ја краде топката и спокојно израмнува на 1-1.
После голот на Лаудруп Данска дала уште четири гола и ја прегазила Норвешка со 1-5. Победа која што значела дека Данска уверливо ги добила квалификациите за Светско во Мексико во 1986 година.
А Норвежанецот Оге Хајреде засекогаш ќе ја памети таа катастрофална грешка.
22 години подоцна
Даблин. „Авива Стадион“. Реванш средба од баражот за Светско првенство. Првиот меч Данска - Република Ирска заврши без голови а на реваншот во 6’ минута Шејн Дафу го отвори резултатот по една лошо истрчување на голманот Каспер Шмајхел. Сонот на Данците за пласман на Светско во Русија тогаш беше далеку.
Но селектор на Скандинавците е истиот поранешен норвешки стопер Оге Хајреде кој долго го сонувал сонот да оди на едно Светско и сега не бил спремен да се откаже така лесно. Особено поради тоа што Оге на времето како селектор на својата Норвешка остана без Светско 2006 откако Чешка им се испречи во баражот.
Симпатичниот селектор, човек кој одел во потрага по бели мечки, љубител на тишината кој едно време го оставил фудбалот поради болеста на жена му, не сакал повторно да го стапне греблото. Веќе до 30’ минута Данците го израмнија реултатот на 1-1, а подоцна ги прегазија Ирците со 1-5, со што се повтори судбинскиот резултат за Оге Хајреде.
***
Оге Хајреде е човек со многу таленти. Но денес Оге не е само тренер од Норвешка, туку него го сака цела Скандинавија. Оге е единствен тренер кој освоил титули во три скандинавски земји.
Пораснал во семејство на морелопловци. По зборовите на Хајреде, тој заедно со татко му следел бели мечки и моржови на Шпицберген и ловеле харинги на Исланд. За фудбал во детството не зборувал многу, како ни татко му, ни постариот брат. Никој немал интерес за округлата топка.
Неговиот постар брат решил да тргне по стапките на татко му и влегол во море па и самиот Оге на некој начин бил должен да стане морнар. Години подоцна тој признал: „Јас секогаш тренирав или играв во клубови од градови кои лежеа нна море. Тоа е подсвесно. Не знам дали би можел да живеам во земја каде нема море. Мене ми треба океан, тоа ми е вечна меланхолија. Океанот никогаш не е во целост мирен. Дури и кога се е тивко, тој не е тивок. Тоа е спектакл, зошто како и животот се тече се се менува. Постојано движење, слободни и отворени луѓе“, раскажува Оге и додава:
„Јас сум единствен од моето семејство кој тргна во фудбалот. Мене ме интересираше риболовот а подоцна и фудбалот. Јас и ситемои другари пораснавме во морето и многу од нив завршија во риболовот. На тоа може да се заработат многу пари и повеќето луѓе животниот пат го минуваат на островот. Тоа е мошне необично. Памтам како татко ми ми кажа: ’Должни сте да си најдете професија за да заработувате пари. Тој не веруваше во фудбал’.
Идниот фудбалер Оге успеал да стигне дури и до Премиер лигата каде одиграл три сезони - една во Манчестер Сити и две во Норвич. На тоа време се сеќава со задоволство.
После долги години во Англија, Харејде се вратил дома во Молде каде во последните две сезони бил играч-тренер и на крајот во 1987 ги закачил копачките на клин.
Од 1976 до 1986 русокосиот Оге одиграл 50 меча за Норвешка и дал пет гола.
Тренерската кариера Оге Хајреде ја почнал во родниот Молде а оттука се преселил во Шведска каде станал тренер на Хелсинборг. Оге уште во првата сезона станал шампион - му ја донел на Хелсинборг првата шампионска титула после цели 58 години!
Успехот во Шведска го препорачал во Данска од каде му се јавил Брондби. Норвешкиот гениј во 2000-та станал тренер на данскиот трофеен клуб каде го практикувал својот напаѓачки модел 4-3-3.
Првта сезона ја завршил како вицешампион кога Копенхаген бил прв со пет бода но убавиот фудбал кој екипата го играла придонел управата на Брондби да му даде втора шанса. Но ниту тоа не помогнало, клубот западнал во криза на лоши резултати, навивачите протестирале, Оге добил оставка а новинарите го нападнале како човек без карактер кој избегал после првиот проблем.
После неколку години Хајреде признал дека причина за оставката била болеста на неговата жена на која и дијагностицирале рак. Тој просто сакал да ја сочува семејната тајна:
„Фудбалот е најневажната важна работа на земјата. И секогаш си повторував во себе - да изгубиш меч или да изгубиш работа како тренер, утре ќе имаш нова шанса, но ако се разболеш тешко, немаш веќе шанси во животот“, напишал во својата книга Оге Хајреде.
Оге цело време бил покрај жена му, не се тргал од неа неколку месеци додека целата терапија не била во целост завршена. Жената успеала да го победи ракот а на Харејде му следувала уште една пауза од фудбалот - му се родила внука која за жал страдала од хронична епилпција.
„Да се добие детенце-инвалид тоа е трагедија сама по себе, и тежок удар за младите поради што сакав да им помогнам. Решив да ја стопирам тренерската кариера“, признал Оге.
Но сите тие тешкотии и маки не му ја згаснале страста и љубовта кон фудбалот. Оге секој пат одел да го гледа Молде на домашните срдби. Седел на стадионот и гледал фудбал. Просто му било криво што седи и не може да им дава совети на фудбалерите каде да трчаат, како да шутираат, како да играат. Со часови можел да плови по морето мирно но кога гледал фудбалери на терен не можел да се задржи.
Откако состојбата на внукичката се стабилизирала, тој решил да го води Малме. Од годините на лична трагедија, тој собрал доволно време да ја сфати и психологијата. Во слободно време собрал цел багажник тактичко знаење.
До доаѓањето во Малме бил приврзаник на формацијата 4-3-3, а во Шведска почнал да игра 4-4-2 или 4-2-3-1.
Со шведскиот гигант ја одбранил титулата и стигнал во групната фаза од Лига на шампиони. За тоа ја добил наградата најдобар тренер во Шведска. После сите успеси по цела Скандинавија, репрезентацијата на Данска по отказот на Мортен Олсен сакала да го постави Оге Хајреде за селектор. Навивачите тоа го примиле со скепса зошто повеќето биле за Микаел Лаудруп, миленикот на нацијата.
На крајот Норвежанецот ветил дека ќе го спреми „данскиот динамит“, како ја викаа репрезентацијата на Данска во 80-те години.
„Мислам дека Северниот регион никогаш не видел така силна екипа како Данците во тоа време. Играчи како Елкер, Лаудруп Лербо, Бергреен беа главни фудбалери во своите клубови“, рекол Оге на прес конференцијата кога го поставиле за селектор.
Хајреде набрзо ја израдува цела Данска со пласманот на Мундијал каде се очекуваат да бидат „нагазна мина“ за големите фаворити.