32 екипи од Лига Европа со дестинација Варшава

Со дуелите од 1/16 финалето, вечерва продолжуваат натпреварите во второто по ранг клупско европско натпреварѕвање. Дербито се игра на Енфилд Роуд каде гостува Бешикташ. Нашиот интернационален судија Александар Ставрев ќе ја суди Севиља - Менхенгладбах.

Јанг Бојс - Евертон, 19:00

Јанг Бојс: Одлична форма, четири победи на последните пет натпревари од првенството. Триумф во дербито над Цирих, Јанг Бојс е втор и заостанува осум бодови зад лидерот Базел.

Евертон: Бледа форма во Премиер, каде е 12-ти и далеку од горниот дел на табелата. Во јануари останаа без Ето (Сампдорија), но го земаа Арон Ленон, кој нема право за настап во ЛЕ.

Торино - Атлетик Билбао

Торино: Одлично продолжение во првенството во последните два месеци. На листата за ЛЕ ги додаде Фарнеруд и крилото Кастелаци, како и најновото засилување, Макси Лопез
Билбао.

Атлетик: 13-ти во Лига, Баскијците ќе мораат без повредениот Андер Итураспе, кој ќе го пропушти двомечот со Торино поради повреда на коленото.

Волфсбург - Спортинг Лисабон

Волсфбург: Втор е во Бундеслигата, за време на јануарскиот преоден рок го купија Ширле од Челси, но го имаат и ветеранот Ивица Олиќ. Перишиќ е неизвесен, а казнети се Луиз Густаво и Гилавуги.

Спортинг: Трет во првенството, ги додаде во составот за ЛЕ Евертон и Мигел Лопес, но во Германија ќе игра без најдобриот играч, Вилијам Карваљо.

Севиља - Борусија Менхенгладбах (21:05)

Севиља: Петти се во Ла лига, каде загубија на последните три гостувања по ред. Актуелни прваци се во ЛЕ, но ќе мораат без Бето, Мбија, Аспас и Коке кој се повредени.

Менхенгладбах: Девет бодови на последните четири натпревари во првенството и трето место во Бундеслигата. Екипата игра во одлична форма и нема ниту еден повреден играч.

Ајакс - Легија Варшава (21:05)

Ајакс: Во Ередивизија се втори со дури -12 поени зад лидерот ПСВ. Во јануари ги купија и ги регистрираа за ЛЕ, Онана и Синкгравен.

Легија Варшава: Полјаците го сонуваат финалето на домашен терен, на својот стадион. Во првенството се први со +2 пред Сласк Вроцлав, но имаат два порази по ред.

Алборг - Клуб Бриж (19:00)

Алборг: Данците се на средина од Супер лигата, на првиот натпревар ќе играат без првотимците Гортер, Спалвис и Алман. Нов играч е младиот Швеѓанец Андреас Бломквист кој може да заигра вечерва.

Клуб Бриж: Бриж командува со белгиското првенство и има 4 поени предност во однос на Андерлехт. Во јануари останаа без младиот чилеански напаѓач Кастиљо, кој замина во Мајнц.

Андерлехт - Динамо Москва (21:00)

Андерлехт: Втор зад Клуб Бриж во првенството. Од Порто го земаа Роландо, а од Фиорентина Марко Марин, кој не може да игра во ЛЕ.

Динамо Москва: Доминираше во групата Е со 6 од 6 и 18 бодови. Во првенството се трети, но тоа заврши во декември и ќе продолжи дури во март.

Днипро - Олимпијакос (19:00)

Днипро: Казнет Федецки, повреден Мазух, ќе игра новиот шпиц Бесуз е стоперот Егидио. Го продадоа одличниот Хрват Стриниќ во Наполи. Во првенството се трети.

Олимпијакос: Испадна од ЛШ, го купи поранешниот играч на Дортмунд и Шалке, Фелипе Сантана. По пензионирањето, Абидал доби функција во клубот, кој е прв во грчкото првенство.

Трабзонспор - Наполи (19:00)

Трабзон: Четврти во првенството и надвор од битката за титулата. Против Наполи ќе играат без Кевин Констант кој е казнет и без повредениот Босингва.

Наполи: Во првенството се борат со Рома за второто место кое носи директно во ЛШ следната сезона. Надвор од листата е засилувањето Стриниќ, но ќе игра Габијадини од Сампдорија. Повредени се Инсиње, Место и Ѕунига.

Генгам - Динамо Киев (21:00)

Генгам: Втор во групата пред оваа рунда. Три победи на последните четири средби во Лига 1, каде се осми. Испаднаа во 1/4 финале на францускиот Лига куп.

Динамо Киев: Повредени Гармаш и Макаренко, казнет Бурда. Од Малага дојде Антунес кој ќе игра вечерва. Први се во првенството кое почнува во март.

Виљареал - Ред Бул Салцбург (21:00)

Виљареал: Шести во Ла Лига, а во ЛЕ ќе играат со најновото засилување Џоел Кембел, кој е позајмен од Арсенал, каде замина Габриел Паулиста. Од тимот си замина ѕвездата Кани.

Ред Бул Салцбург: Австријците ќе бидат многу ослабени без нивниот најдобар играч, Кевин Кампл кој замина во Дортмунд. Џуричин е нов шпиц, а тука е и 20-годишниот Јапонец Такуми Минамино. Во првенството се први со 8 бода предност.

Рома - Феенорд (19:00)

Рома: Втора во Серија А, но елиминирана од ЛШ. Волчицата игра во слаба форма, а повредени се Ибарбо, Итурбе и Кастан. Думбија и Споли се на листата, од која испадна повредениот Стротман. Тоти се опорави од повредата и е спремен.

Феенорд: Трети во Ередивизија, но два порази на последните три средби. Во Рим тренерот Фред Рутен ќе мора да игра без напаѓачот Елвис Ману и стоперот Ван Бек кои се повредени.

ПСВ Ајндховен - Зенит Санкт Петербург (19:00)

ПСВ: Доминира во првенството каде имаат пет победи по ред со 13 постигнати голови. Ќе играат без Жозефзун кој е повреден. Виџналдум е нивниот лидер.

Зенит: И тимот на Виљаш Боаш е прв, но рускиот шампионат ќе почне за 2 недели. На листата за ЛЕ го додадо Шејдаев, а отпадна Моглиевец.

Ливерпул - Бешикташ (21:05)

Ливерпул: Уште еден славен тим што испадна од ЛШ, а не блескаат ниту во Премиер лигата. Во ФА купот стигнаа до 1/4 финале. Казнет е Лазар Марковиќ, а повредени се Џерард и Лукас Леива.

Бешикташ: Прв во Супер лигата со бод повеќе од Фенер, а два од Галата. На пазарот ги купија Толгај Арслан и Ганецот Опаре.

Тотенхем Хотспур - Фиорентина (21:05)

Тотенхем: Шести во Премиер лигата и финалисти на Лига Купот, во март против Челси. Го продадоа Арон Ленон, кој нема право да игра во ЛЕ за карамелите.

Фиорентина: во Серија А, полуфиналисти во Купа Италија. Уште се без Џузепе Роси, а на листата се враќаат Мати Фернандез и Жоакин, покрај новото засилување Салах од Челси. Ќе играат без Куардаро, кој замина во Челси.

Селтик - Интер (21:05)

Селтик: Прв во ШПЛ. Нови засилувања се Гери Мекеј-Стивен и Стјуарт Армстронг од Данди Јунајтед, а на листата е и Џон Гуидети, позајмениот шпиц од Ман. Сити.

Интер: На средина на табелата во Серија А, но застана на нозе по долгата црна серија од порази. Шаќири, Пушкаш и Сантон се нови на листата за ЛЕ, а Подолски нема право на настап.

Играј ти на Типстер