Кои трансфери се сомнителни во Јувентус, но и во Интер, Милан, Наполи, Лил?

Од 62 трансфери кои предизвикуваат сомнеж кај италијанската федерација и органите на прогонот, дури 42 ги извршил Јувентус. Кјелини за време на короната наводно договорил пари под маса за цел тим, а Де Лихт и Де Шиљо испраќале скриншотови од разговори во полиција и обвинителство.

По Калчополи 2006 и Калчоскомесе 2011 како најсвежи и најголеми скандали со местење натпревари во Италија, се случува нов трет бран на голема афера која се состои од финансиски малверзации за трансфери која допрва треба да се разјасни.

Иако низ Европа има малверзации и сомнителни трансакции поради сомнителни трансфери, правдата за сега почнаа да ја бараат само Италијанците. 

Јувентус е казнет со одземање на 15 бода, ​​но истрагата за гревовите од минатото продолжува и ќе има уште бидејќи се верува дека ова е само почеток.

Симоне Мураторе е еден од фудбалерите кои тренирале во академијата на Јувентус, но никогаш не се пробил во првиот тим. Во Серија А дебитирал на 22 години, а на теренот минал само 164 минути, од кои 150 на последните два првенствени натпревари во сезоната 2019/20 кога Јуве веќе ја имаше обезбедено титулата.

Само неколку недели подоцна, беше продаден на Аталанта за 7 милиони евра, иако неговата пазарна вредност никогаш не беше поголема од 500.000 евра. Денес има 24 години и нема одиграно ниту еден натпревар за Аталанта.

Пабло Морено му се приклучи на младинскиот тим на Јуве во јули 2018 година за 700.000 евра. Иако не успеа да го надмине младинскиот фудбал, две години подоцна му беше продаден на Манчестер Сити за 10 милиони евра. Секако, тој не дебитираше за Сити и скиташе наоколу како позајмен. Овој 20 годишник игра за Маритимо, 17-та екипа во португалската лига.

Маноло Портанова се пресели во Јувентус од академијата на Лацио во летото 2017 година за 250.000 евра. За неполни четири години одигра 101 минута во Серија А. Тоа беше доволно да го продадат во Џенова за 12 милиони евра. Иако Џенова денеска игра во Серија Б, 22-годишниот фудбалер е само резерва.

Списокот на сомнителни трансакции на Јувентус е подолг. Од 62 трансфери кои предизвикуваат сомнеж кај италијанската федерација и органите на прогонот, тие извршиле дури 42.

Најголема врева се крена околу „размената“ на Миралем Пјаниќ за Артур. Иако репрезентативецот на БиХ веќе долго време не е во препознатливата форма, Јувентус пред две години го процени на 60 милиони евра. 

Барса го ценеше Артур на десет милиони повеќе. Пјаниќ не само што се врати од Барселона, туку и не направи кариера во Бешикташ. 

Наскоро ќе наполни 33 години и сега своето богатство го бара во Обединетите Арапски Емирати. Артур е во Ливерпул и нема одиграно ниту една минута во Премиер лигата.

Очите прво се вперени во Јувентус, но сите останати клубови чекаат уплашени на ред, свесни дека правеле недозволени работи.

По избувнувањето на пандемијата, Јувентус објави дека играчите се согласиле на четиримесечно намалување на платите за да му помогнат на клубот во тешката ситуација. 

Италијанскиот печат пишуваше дека поранешниот капитен Џорџо Кјелини им понудил на своите колеги договор според кој платата ќе биде помала од официјалните најави, но затоа клубот ќе им го плати остатокот под маса. Целиот разговор се одвивал во групен разговор на апликацијата WhatsApp.

Германски „Спорт“ објави дека поранешниот стопер Матијс де Лихт по трансферот во Баерн Минхен му помогнал на обвинителството со испраќање на скриншотови од групните разговори. Вакви фотографии во полиција испратил и Матија де Шиљо, кој се уште игра за Јуве.

Навивачите на Јувентус се бесни. Почнаа да се откажуваат од ТВ претплати на големо и да ги раскинуваат договорите. Но, нивниот гнев е разбирлив бидејќи не само што недостатокот на европски натпреварувања би значел финансиска катастрофа за клубот и продажба на најважните играчи, туку и другите клубови се служат со истите методи.

Иако немаат ниту деби за Интер, Аталанта на клубот од Милано му плати 12 милиони евра за Марко Караро и Давиде Бетела. Денес 25 годишниот Караро игра во Серија Ц, а три години помлатиот Бетела во второлигашот Палермо.

Уште една сомнителна трансакција е поврзата со Интер. Пред неколку месеци на Челси му го продадоа Чезаре Касадај за 15 милиони евра, иако 19 годишниот фудбалер не одигра ниту една минута сениорски фудбал. Во моментов игра во средниот ред на Челси У-21.

Проблемот е што тешко е да се каже кога клубот плаќа за потенцијалот на играчот, а кога само вештачки се создава неговата вредност. Меѓутоа никој не се сомнева во одредена сомнителна трансакција на Наполи.

Трансфермаркт го цени фантастичниот Виктор Осимен на 70 милиони евра, а неговата пазарна вредност може да биде и двојно поголема. Проблемот е што Наполи за него плати 75 милиони евра пред 2,5 години, кога имаше само една успешна сезона во Лил. Но ако се погледне подобро овој трансфер крие неколку тајни.

Сомнежи покренаа и други трансфери тоа лето меѓу Наполи и Лил. Францускиот клуб го доби Орестис Карнезис за преку 5 милиони евра, Клаудио Манци за 4, Чиро Палмиери за 7 и Луиџи Лигуори за 4.

Вкупно 20 милиони евра за играчи кои не ни дебитирале во Лига 1. Од нив четворица само Карнезис настапи за Лил, но само на еден натпревар во првата фаза од Купот на Франција.

Ниту шампионот на Италија не може да остане мирен. Обвинителството во Милано веќе покрена истрага за продажбата на Милан кога инвестицискиот фонд Елиот Менаџмент неодамна го продаде италијанскиот клуб на групацијата Red Bird Capital Partners. Наскоро се очекуваат детали.

Кон крајот на февруари треба да падне конечната пресуда за актуелниот скандал за кој загрижени се Наполи, Интер и Милан. Јувентус е веќе казнет, но може да помине и полошо.

Во Италија сметаат дека е најдобро по ред да се казнат сите кои ги прекршиле правилата, за во иднина Серија А да биде почиста.

Но, бидејќи Италијанците се Италијанци, порано или подоцна ќе избие некој нов скандал, само прашање е зошто и кој ќе ја има главната улога. Овој пат му припадна на Јувентус.

Виа

3 февруари 2023 - 14:06